Два комплета наслови го опишуваа самоубиството на лидерот на ИСИС, Абу Бакр ал-Багдади. Вашингтон пост, во неделата:
„Абу Бакр ал-Багдади, остриот верски учител на чело на Исламската држава, почина на 48 годишна возраст“.
Пост подоцна го редефинираше насловот но во поднасловот остана истиот опис за Багдади. Во меѓувреме, насловот на Фокс гласеше:
„Абу Бакр ал-Багдади убиен: како се одвиваше храбрата воена операција“.
Насловот на Пост повеќе одговараше на ситуација некој кроток академик да починал во сон, отколку дека се зборува за геноциден џихадистички фанатик. Насловот на Фокс е помалку луд од тоа ама сепак не до крај вистинит; ал-Багдади не бил убиен туку се самоубил гонет од американските „воени кучиња.“
Доналд Трамп беше коректен кога во саботата ноќта твитна „Се случи нешто големо,“ но оттука натаму, Америка добиваше две речиси комплетно различни верзии на сторијата за потерата и самоубиството на ал-Багдади. Тоа беше јасна демонстрација колку дисфункционален станал информативниот пејсаж во земјата.
Кога се случуваат важни вести, комерцијалните медиуми инстантно ги делкаат фактите и ги прилагодуваат за консумација на политичката демографија на нивната публика. Во одредена мерка тоа отсекогаш сме го имале, само што сега не се потребни денови тоа да биде преточено во уреднички коментар и едиторијал.
Денес вестите се пакуваат за Републиканци или Демократи уште од првиот репортерски запис. Уште поинтересно, веќе не важи дека Фокс се побесрамни навивачи од медиумите блиски на Демократите кои во оваа ера на Трамп станаа мегафони на едно карикатурално цвилење, на ист начин на кој тоа го правеше Фокс во годините на Клинтон.
Верзијата на самиот Трамп беше предвидливо хероична како од стрип. Администрацијата на Обама барем имаше пристојност да бара пристоен режисер и да почека една година пред да излезе филмот „Zero Dark Thirty“ за убивањето на Бин Ладен. Трамп реши да ги прескокне холивудските преговори и веднаш да ги обелодени најсочните детали од приказната.
„Умре како куче, умре како кукавица,“ рече Трамп велејќи дека ал-Багдади умрел „цвилејќи и плачејќи“. Трамп оцени дека тој е „најголемиот терорист,“ дури поголем и од Бин Ладен бидејќи „тој изгради Калифат.“ Трамп дури и му оддаде почит на „прекрасното куче, талентираното куче“ кое го има спотерано ал-Багдади во тунелот. Белата куќа издаде фотографија од Трамп и неговите први луѓе како ја гледаат операцијата, искуство кое Трамп го опиша со „како да гледаш филм.“
Конзервативните медиуми веднаш ја истакнаа политичката добивка од операцијата за Трамп и ги тролаа нивните стандардни противници во културната војна, како SNL кои со многу несреќен тајминг пуштија еден скеч (Како Трамп им ги враќа работните места на Исис).
Во меѓувреме, во она што сè повеќе личи на монолитен блок на анти-Трамповски медиуми како што се Њујорк Тајмс, Вашингтон пост, Си-ен-ен, МСНБЦ и други, насловите за Багдади беа впечатлива колекција на фрустрирани поенти. Фрапантна беше разликата како оваа сторија беше покриена од нив во споредба со сличните стории за Бин Ладен и ал-Заркави. Нивните најважни факти за смртта на ал-Багдади вклучуваа:
- Трамп не ги информираше клучните луѓе од Демократите” за операцијата;
- Трамп “ги извести Русите....пред да им каже на конгресните лидери”;
- Упадот на Багдади беше “усложнет“ од плановите на Трамп да се повлече од Сирија и беше извршен не заради него туку насnроти него;
- Упадот беше “победа на факторите кои Трамп ги критикува” (разузнавачките агенции);
- Славодобитниот тон на Трамп е чиста спротивност од крајно “контролираниот” тон на Барак Обама после операцијата Бин Ладен;
- Трамп сега “ќе ја молзе политичката добивка“ од Багдади бидејќи му е неопходна заради импичментот и другите проблеми;
- Фотографијата од моментите кога Трамп и другите ја гледаат акцијата изгледала многу „понаместено” отколку оние на Обама и веројатно е направена неколку часа пред упадот.
Последнава сторија се вртеше по тие медиуми со саати пред да се покаже како погрешна а експертот да го повлече таквото судење. Во тој период, на фотката се „наоѓаа“ неприклучени етернет кабли и друго, слично како што прават скептиците околу слетувањето на Месечината во врска со сенките на фотографиите.
Соодветно, многумина Американци вртеа со очи од неочекуваната педантност на вестите на Фокс. За време на Обама, оваа мрежа се чинеше вродено неспособна да извести за каква било позитивна вест. „Тоа е доказ дека Обама е марксист!“, знаеше тогаш да каже Фокс само затоа што Обама решил да облече костум со беж боја.
Трамп сега инспирира слични ненормалности кај медиумските опоненти на Фокс (Тајмс, Пост, Сиенен...). Не сум ни јас фан на Трамп ама човек денес не знае каде да отиде ако бара неискасапени вести. Сè почесто сум принуден да отидам до Би Би Си или АФП за да најдам чисти и сирови изјави и бројки пред спин докторите во Америка да ги забиберат вестите со нивните погледи.
За време на трката Трамп-Клинтон напишав:
Моделот кој сега се развива најверојатно ќе оди во насока републиканските медиуми да известуваат за корупција кај Демократите, а демократските медиуми да покриваат корупција кај Републиканците.
Приказната за ал-Багагди е класичен пример што се случува кога една таква динамика ќе дојде до своите логични последици. Од Фокс до Њујорк Тајмс, сите големи комерцијални медиуми беа повеќе насочени кон тоа на публиката да ѝ соопштат кој политички ќе профитира од случајот, отколку да дојдат до што повеќе факти за самиот случај.
Ова оди на штета на публиката која заслужува да ги знае барем основите. Кој е ал-Багдади? Како тој стана лидер на Исис? Зошто бил во градот Идлиб? Дали ќе имавме потреба од вакви операции ако своевремено не радикализиравме многу луѓе - вклучително и ал-Бадади - со интервенцијата во Ирак?
Сето ова се потчинува на единствената сторија која денес е важна во САД - кој во моментов тепа на Твитер, Трампистите или анти-Трампистите? Медиумските аутлети се толку посветени да буткаат еден или друг наратив што упаѓаат во неверојатни апсурди како оној за „остриот верски учител“ на Вашингтон пост.
Ако весниците се подготвени да одат волку предалеку за вест за нечија смрт само за да избегнат било што позитивно за Трамп, како тогаш можеме да им веруваме за партиски запаливите теми како што е импичментот?
Во животот, и во вестите, има многу повеќе од тоа дали нешто е добро или лошо за Трамп. Можеме ли да добиеме барем ден-два за фактите пред да почне војната во чија полза се тие?
******
Не дека кај нас е поинаку:
*****