Горан Стефановски:

Пофалба на обратноста

Седнувам. Возрасните се нестрпливи да оценат која страна ќе фатам во расправата. Велат, ти си шетан човек, на чија страна си, за кого навиваш. Интересен сум само во тој дел од секунда, додека не се изјаснам, додека не видат на кој тас ќе го ставам мојот политички влог.

Еве, на пример, еден ваков стоп кадар: Во една населба, во една зграда, во еден стан, во една фамилија се слави шестиот роденден на едно девојче. Собрани се роднини, пријатели и соседи. Се поставуваат маси, се готви во кујната, децата играат под масата со подароците на славеничката. Возрасните се веќе полупијани и со мезе жестоко расправаат за политика. Партиски се поделени во два табора, гласни се и не се дослушуваат. Некој вели: аман доста со политика, само немојте за политика, нели рековме нема за политика. Но веќе е отидено предалеку. Ситуацијата е вжештена, се води бурна дискусија. Среде кавгата, некој силно удира со тупаница по масата. Пауза. Тишина. Сѐ сопира. Домаќинката застанува на вратата од кујната со руска салата во рацете, децата излегуваат од под маса да видат што се случило, непријатна напнатост во воздухот.

За беља јас влегувам токму во тој момент. Доцнам. Не разбирам точно што се случува. Одеднаш сите се вртат кон мене. Шестгодишната славеничка ме одмерува од глава до петици, како да сака да провери каков подарок ѝ носам. Ме гледа право во очи. Збунет сум. Седнувам. Возрасните се нестрпливи да оценат која страна ќе фатам во расправата. Велат, ти си шетан човек, на чија страна си, за кого навиваш.

Интересен сум само во тој дел од секунда, додека не се изјаснам, додека не видат на кој тас ќе го ставам мојот политички влог. Чекаат брзопотезно решение не квадратура на кругот. Шеговито велам дека сум драмски писател и дека ме интересираат сите страни. Се препотувам. Разочарани се, ме гледаат кисело. Веднаш ме исклучуваат и од двете партии. Очекувале графит, а не пиеса.

Блиц. Стоп кадарот се откочува. Кавгата продолжува без мене, од истата точка на која пред малку беше прекината. Сите се враќаат на своите барикади. Повторно корида, се коле бикот во арената. Никој веќе не ми обраќа внимание. Кој има време, нерви и кеиф да слуша образложенија подолги од една реченица. Кажи човече просто, петка или глава, риба или девојка?

ТАПОГЛАВИ И ШИЛОГЛАВИ

Во една земја народот е поделен на две завојувани страни. Едни веруваат дека јајцата треба да се кршат само од тапата страна, а други исклучиво од заоблената. По тоа прашање се води војна од памтивек и луѓето се замразени. Навиваат строго за своите и ги обвинуваат оние другите дека се на погрешната страна на историјата.

Ова, се разбира, се однесува на земјата Лилипут од Гуливеровите патувања на Џонатан Свифт од 1726. Сатиричната поента е дека ние најчесто проблемите не ги гледаме поединечно и неутрално туку ги мериме ѓутуре, од око, низ призмата на групата на која припаѓаме.

На оваа тема Бертолд Брехт во 1931 напишал антинацистичка сатира за земјата Јаху, во која еден режим, за да ја одржи власта, ги саска луѓето со обли глави против оние со зашилени глави.

Ех, колку ќе беше едноставно да умеевме да седнеме и да се договориме дека јајцaта може да се кршат и од двете страни. Ќе беше, ама не е.

Обидите за договор се доживуваат како попуштање, предавство на интересите на групата. Секој збор и постапка се мерат на партиски кантар, секое влакно се цепе на две и строго се класифицира: наше – нивно, ваму – таму.

И двете страни имаат одамна воспоставени системи, хиерархии, војски и полиции, приоритети, агенди, херојски традиции, навики, селективно паметење, здруженија за негување на ова или она, деноноќна индустрија на спин, армија на медиуми, мрежи за комуникација, дресирани клиенти, трабанти, вешти лица, вљубеници и платеници кои се хранат и живеат исклучиво од негувањето и одржувањето на ваквата поделеност. Секој обид да се артикулира и застапува некаква средишна позиција се доживува, напаѓа и отфрла како трула неутралност, пакт и капитулација....

Горан Стефановски,
драмски писател, автор, предавач и еден од нашите први диџеи кој ни ја прати најлудата плејлиста евер :)

* Остатокот од овој бравурозен и мора-да-се-прочита текст го имате на сајтот на Горан.

8 мај 2015 - 10:26