Фановите на Хари Потер успеаа да пренасочат кабел вреден 500 милиони евра за да не минува низ фиктивен гроб на лик од книгата

Фановите на „Хари Потер“ успеале да натераат инвеститорите на голем енергетски проект да ја променат трасата на подводен кабел, за тој да не минува низ местото на кое во филмот е погребан домашниот елф Доби. Значи измислен лик, ист таков гроб, а кабелот многу реален. За иронијата да биде поголема, тој сега поминува блиску до исто така прилично реален археолошки наод.

„Гринлинк“ е електроенергетски интерконектор долг околу 200 километри, кој ја поврзува електричната мрежа на Велика Британија со Ирска. Според првичниот план, кабелот тој требало да излезе на брегот кај плажата Фрешвотер Вест во Велс – токму на местото кое фановите го сметаат за „гробот“ на Доби.

Доби е измислен лик од серијалот „Хари Потер“, а во филмот „Хари Потер и реликвиите на смртта“ е погребан токму на оваа плажа. Оттогаш, обожавателите на серијалот редовно го посетуваат местото и оставаат камења со натпис „Тука лежи Доби“. Проблемот е што плажата е еколошки чувствително подрачје, па Националниот фонд кој управува со неа повеќепати ги повикувал посетителите да престанат да оставаат камења и други предмети.

Сепак, никој не очекувал дека измислениот гроб ќе влијае и врз инфраструктурен проект вреден стотици милиони евра.

Проектниот менаџер Сајмон Ладлам првично воопшто не знаел кој е Доби. Во интервју за Би-би-си покажал каде кабелот требало да излезе на копно, по што компанијата почнала да добива телефонски повици.

„Очигледно ќе минуваме право низ гробот на Доби“, му кажал колега, на што Ладлам збунето прашал - „Кој?“. Кога му било објаснето дека станува збор за измислен лик од книга и филм, тој сè уште не можел да сфати зошто реакциите се толку сериозни.

Но за фановите, очигледно биле.

Компанијата потоа ангажирала планери за да пронајдат алтернативна траса, со која кабелот би го избегнал местото што во светот на „Хари Потер“ претставува гроб на Доби. Иронично, новата траса на крајот минува многу поблиску до нешто што навистина постои: археолошки остатоци од бронзеното време, меѓу кои има и урни поврзани со човечки погребувања. Така, кабелот на крајот бил пренасочен за да не го вознемири измислениот гроб на измислен лик, додека трасата минува во близина на вистински остатоци од луѓе што живееле пред илјадници години.

11 август 2026 - 11:50