Букбокс гледанка: „Денот на разоткривањето“ или Спилберг, ти си?

Во поголемиот дел од 39-тиот игран филм на Спилберг единствени што разбираат што навистина се случува се два лика со натприродни способности, за кои и самите не знаат од каде им се. Ние до крајот останавме во онаа другата група, ем без посебни когнитивни вештини, ем посиромашни за два и пол часа. 

Новиот филм на Стивен Спилберг почнува како научнофантастичен трилер за најголемото можно откритие во историјата на човештвото: што ако навистина не сме сами? Но некаде по средината, а особено во завршните четириесетина минути, „Денот на разоткривањето“ станува бучкуриш од политички трилер, филозофска расправа, религиозна парабола и епизода од „Екс фајлс“, кој повеќе предизвикува чувство на пародичност отколку на посакуваното откровение. 

Тоа дека Спилберг е крајно сериозен во врска со темата на вонземјаните, со којашто на крајот на краиштата се има занимавано толку често во својата кариера, не е толку очигледно во самиот филм, колку во интервјуата по повод неговата премиера. Во нив тој отворено изјавува дека верува во постоењето на вонземски живот и дека, врз основа на сведоштвата, снимки и сè што следел со години, смета дека тие веќе биле на Земјата и дека сè уште се тука. 

Оваа премиса е важна, бидејќи вонземјаните и во филмот не се некаква апстрактна метафора, туку суштества со физички тела, кои повеќе од 70 години се (наводно) заробувани, испитувани и малтретирани во рамки на тајни владини програми. Па сепак, нивното постоење повлекува и филозофски размисли - ако човештвото дознае дека има такви суштества, со способности и знаења далеку над нашите, дали тоа би ја разнишало вербата во Бог или токму тие би го зазеле неговото место, со нови и непредвидливи последици од истото?

Кога ова би останала централна тема на филмот нештата веројатно би биле подоследни и појасни. Но веднаш откако ќе ја отвори, филмот се враќа кон брканици, кршење коли, заговори, тајни снимки. И вонземјанин спакуван во нешто што истовремено личи на кутија од Икеа и на трон, а за кој сигурно ќе очекувате дека е И-ти.

Уште поголем проблем е приказната за двајцата главни ликови, Маргарет (Емили Блант) и Даниел (Џош О'Конор). И двајцата имаат способности кои постепено стануваат сè поневеројатни: Маргарет може да гледа во туѓите умови, да зборува јазици што никогаш не ги учела; Даниел, пак, може да го разбере чудниот математички јазик на вонземјаните. Во добар дел од филмот не е јасно од каде доаѓа сето тоа. Дали се тие некакви избраници? Дали се генетски различни? Дали имаат некаква врска со вонземјаните и дали се брат и сестра? 

Ликовите се толку нејасни што моравме да ги изгугламе - наводно двајцата биле киднапирани како деца и врз нив биле вршени експерименти. Ова е толку важно за нивната мотивација, а толку несмасно и доцна објаснето, што е навистина чудо како двајцата актери сепак успеваат да не изгледаат гротесктно во она што го прават од сцена во сцена. 

На крај, Спилберг е толку голем и толку често се цитира самиот себеси во овој свој 39-ти филм, што човек не може а да не му прости заради сето она што претходно го има направено за научно-фантастичниот жанр. Единствениот одговор што го дава е „слушајте!“ - слушнете ги оние поинаквите, другите, кои можеби не се дојдени со лоша намера, туку за да разоткријат некои големи и корисни вистини. All will be disclosed, сè ќе биде разоткриено, ветуваше постерот за филмот. Но тоа изгледа останува да го дочекаме, некој друг ден и во некој друг филм.

Илина, Букбокс

10 август 2026 - 08:31