На крајот, откако решиле да го примат во жандармерија, требал да го потпише решението, но тој одбил да го стори тоа.
- Зошто не сакаш да се потпишеш? - го прашале.
- Не можам - одговорил тој. - Не сум писмен.
-Како бре, јадо, не си писмен? Па како ќе пишуваш пријави и извештаи кога нешто ќе се случи?
И само заради тоа, и покрај сè, не бил примен во жандарми, па се преселил во Америка, патувајќи со италијанскиот брод „Сан Џовани ди Месина“ од пристаништето во Котор, каде што еден дубровчанец, Балтазар Гради, собирал Херцеговци за работа во рудниците во Бјут Монтана. Како што вели старата поговорка: „Херцеговина ќе го насели сиот свет, ама самата нема да се расели“.
По многу талкања, Обрад, кој во Њујорк добил ново име О'Брајан, барајќи место слично на неговата родна Звјерина, се населил на северозапад на Аризона, накај границата со Калифорнија, под планината Кросман.
Живеел во сиромаштија правејќи го она што го правел и во стариот крај - чувал овци чие месо го продавал во блискиот град Хаваса Сити. Државата Аризона за симболична цена од пет долари му дала сто утрини неплодна земја.
Еден ден, додека копал голема дупка за да направи бунар, ист каков што имал во Херцеговина, бидејќи во тој крај нема друга вода освен дождовница, наеднаш шикнало нафта. Преку ноќ станал многу богат.
Изградил пространа куќа во колонијален стил, а за душа изградил и една многу мала, камена, како онаа во која се родил, со огниште, греди и овенски кожи на кои спиел сонувајќи ја Звјерина.
И така, дошол ден неговата компанија да се спои со големата Стандард Оил, која испратила познат адвокат од Феникс за потпишување на договорите.
Но, тој одбил да стави потпис.
- Зошто нема да го потпишете договорот? – зачудено прашал адвокатот.
- Не сум писмен - одговорил тој.
- Господине О'Брајан - рекол адвокатот - вие сте еден од најбогатите луѓе во Аризона. Што ли ќе станевте ако знаевте да пишувате?
- Ќе станев жандарм во Билеќа - одговорил Обрад.