
Кон крајот на Октомври 1962 година американскиот претседател Џон Кенеди и советскиот претседател Никита Хрушчов влегуваат во трка кој прв ќе го уништи светот.
Хрушчов испраќа конвој на бродови натоварени со нуклеарни проектили кон Куба. Кенеди ја испраќа својата морнарица пред Куба и му дава ултиматум на Хрушчов да се повлече. Русите не ги слушале ултиматумите ни на Наполеон ни на Хитлер па не го слушаат ни американскиот ултиматум. Кенеди дава наредба на армијата да се подготви за нуклеарен напад на Советскиот Сојуз. Од двете страни на Железната завеса се активираат нуклеарните силоси. Генералите со голема нервоза го ставаат прстот на црвеното копче и чекаат наредба за притиснување на копчето. Се одбројуваат секундите до почетокот на Нуклеарната војна после која најверојатно би замрел животот на планетата Земја.
Но, во последните моменти, преовладува разумот. САД и СССР постигнуваат договор со кој се избегнало најлошото.
Осум месеци подоцна, Кенеди и Хрушчов влегуваат во нова трка, но овојпат трката е од многу поразлична природа.
На 26 јули 1963 година, Скопје е погоден од катастрофален земјотрес. Светот ги гледа во шок црно-белите слики од скопските урнатини од под кои се извлекуваат илјадници тела.
Џон Кенеди реагира брзо. Пред телевизиски камери Кенеди им се обраќа на скопјани дека Америка праќа помош. Им дава наредба на 8-от Евакуациски полк итно да дојдат во Скопје и да започнат со спасување. Британците го праќаат својот најдобар градежен инжинер, господинот Деметрус Комино кој започнува изградба на 1.560 монтажни куќи во една нова населба која најпрво требала да се вика „Винстон Черчил“ па потоа „Дексионград“ – а денес е позната како: Општина Ѓорче Петров. Финците поставуваат дрвени бараки во Тафталиџе, кои се со таков добар квалитет што и денес сè уште стојат.
Хрушчов не може да седи и да гледа како Кенеди станува хуманитарен херој. Се качува во авион и лично пристигнува во Скопје. Тито и Хрушчов заедно ги обиколуваат урнатините. Хрушчов дава наредба да се започне со изградба на „Руските“ згради во Карпош. Не седат мирно ни неговите сојузници. Бугарија ја гради Универзалната Сала – која ќе стане култен објект за македонската музика. Романија ја гради болницата „Букурешт“ во Карпош. Полска го прифаќа проектот на нејзиниот најдобар архитект – господинот Адолф Цоборовски за изградба на најмаркантниот објект во Новото Скопје – Музејот на Современа Уметност изграден на скопското Кале. Покрај изградбата на Музејот, Полска донира на Музејот околу 200 дела од нејзините најдобри модерни сликари.
Западниот свет не може да сѝ дозволи Советите да бидат најголемите уметнички донатори на Скопје. Францускиот филозоф Жан Пол Сартр упатува драматичен повик кон западниот свет да му помогне на Скопје. Прв на овој повик реагира Пабло Пикасо. Го подарува на Музејот своето масло на платно „Глава на жена“ (портрет на неговата сопруга Жаклина). Неговиот пример го следат другите француски сликарски мега-ѕвезди: Александар Калдер, Виктор Васарели, Жан Миро, Хартунг, итн...Во октомври 1963 година во Њујорк се одржува меѓународна конференција за донации на уметнички дела за Скопје, кои се денес во колекцијата на Музејот.
Во оваа хуманитарна трка помеѓу Кенеди и Хрушчов победник излегол – градот Скопје. Сеќавањата за оваа хуманитарна трка денес бледеат. Останале да сведочат само имињата на скопските улици: Мексичка, Варшавска, Ленинова, Џон Кенеди...
Непосредно пред годишниот одмор, од една белгиска аукционерска куќа купив серија на новинарски фотографии направени на 29-ти јули 1963 година во Скопје, која ги споделувам со вас. Планирам да ги донирам фотографиите на Музејот на Град Скопје , кога ќе имам прилика.