Како да не бидете добронамерна шовинистичка свиња

„Благонаклон сексизам" е она кога некој маж се однесува фино кон некоја жена, само затоа што таа е - жена. Не ви е јасно? Обидете се да ѝ помогнете на феминистка да закова шајка, па ќе ви стане.

Целата работа стана актуелна откако Џин Симонс, басистот на групата Кис на едно шоу реагираше во врска со изумирањето на „витештвото", оние гестови на машка љубезност насочени кон поубавиот (и по дефиниција послабиот) пол. За тоа, според Симонс, се виновни самите жени кои во ова гледаат некаква закана по нивната еманципација и рамноправен третман.

„Ако придржувањето на врата за вас значи специјален третман, тогаш сакаме да ве третираме така. Сакаме да се однесуваме како да сте принцези..Ако погледнете во историјата, сте биле лошо третирани, не сте имале еднакви работни можности...Боже господе, не сте имале право ни да гласате! Зошто сега се буните за отворањето врати?"

Симонс само го вербализира она што ги мачи повеќето мажи овие денови - како да бидеш љубезен, а жена задоена од слободарски идеи тоа да не го протолкува како гест на омаловажување. Еве неколку идеи за таквите - со право - збунети ликови, кои можат да ја намалат нелагодноста од 'страшните' модерни жени:

ШТО ДА СЕ ПРАВИ

Отворете ја вратата ако прв стигнете до неа, и држете ја отворена за кој и да е кој минува по вас, без оглед дали е маж, жена или домашно животно.

Прв подајте ја раката кога се запознавате со жена. „Драго ми е" е фина додавка.

Викајте ја по име.

Помогнете ѝ на жена ви или на друго лице од женски пол да отвори тегла, само ако тоа биде побарано од вас.

Помогнете секому кој има голем капут или голем број предмети да излезе на крај со нив додека седнуваат во ресторан, само ако тоа биде побарано од вас.

ШТО ДА НЕ СЕ ПРАВИ

Не трчајте за да отворите први врата. Кој прв дојде до врата, тој отвора. А обично можете да процените дали сте прв до вратата, ако таа е затворена и нема луѓе помеѓу вас и неа.

Не мора да ја пуштате прва да излезе од лифт. Вратата и онака е отворена само пар секунди па поважна е ефикасноста.

Не нарачувајте за жената. „Дамата ќе земе..." ( или српското: "За мене пиво, за пичку сок") се зборови кои треба да излезат од вашата уста само ако таа е во тоалет кога ќе дојде келнерот, плус ви дозволила да го направите тоа во нејзино име.

Не ја викајте „принцезо". Освен ако не се работи за вистинска принцеза.

Важно: Со нормалните, однесувајте се нормално. Тие полесно ја поднесуваат добронамерноста.

11 август 2014 - 17:01