Квази-логографските симболи, емоџи, на многумина не им прават ќеф, веројатно заради „џиџи-миџи“ дизајнот на сликичките кои не изгледаат баш софистицирано. Сега тие ќе имаат поинаков избор - Уникод, стандардниот систем за дигитално енкодирање на текст во различни пишувани системи во светот, се подготвува во себе да вклучи повеќе од 2000 хиероглифи.
Во текот на старото, средното и новото кралство (2687-1081 п.н.е) старите Еѓипјани користеле помеѓу 750 и 1000 хиероглифи, а бројот значително се зголемил во текот на грчко-римскиот период, кога изнесувал околу 7000. Тогаш, под Александар Македонски, Птолемаидите и Римското царство, јазикот се менувал и се развивал во тек на илјадници години, што сега ќе биде отсликано и преку дигиталното енкодирање. Египетските хиероглифи се дефинирани во Уникод уште во негова рана верзија, издадена во 2009, но таму се многу малку на број и не се однесуваат на грчко-римскиот период.
Огромната разновидност на идеограми, кои прикажуваат животни, луѓе, алатки и други артефакти, се одлична подлога за креативно комбинирање и, исто како со емотиконите, за изразување комплексни мисли и пораки. Кои особено помладите можат лесно да ги совладаат, само ако бидат доволно мотивирани.