
Првично носена како долен „веш“, по Втората светска војна памучната маица со кратки ракави станува дел од горната облека. На телата на млади и фит мажи, онаа припиената симболизира херојство, младост и машкост. Брзо ја прифаќаат субкултури како бајкери и љубители на автомобили, а Холивудски ѕвезди како Марлон Брандо и Џејмс Дин ја претвораат во симбол на бунтовност и „кул“.
Од 1960-тите, во САД и Британија се појавуваат маици со слогани. Жените исто така почнуваат да ги носат, а натписите стануваат средство за индивидуално изразување и социјален коментар. За време на Виетнамската војна и заканата од нуклеарна војна доминираат пораки за мир, како познатата „War is Over“ од Џон Ленон и Јоко Оно.
Во 1970-тите Њујорк тајмс ја нарекува маицата „медиум на пораката“. Панк-сцената, преку дизајнери како Вивиен Вествуд и Малколм Мекларен, носат провокативни, рачно напишани слогани што ги уриваат социјалните кодови.
Во 1980-тите, технолошкиот напредок овозможува масовно печатење, што го користи Ел-џи-би-ти заедницата, особено во борбата против епидемијата на СИДА. Иконичната порака „Silence = Death“ (Тишина=смрт) станува симбол на активизмот. Дизајнерката Кетрин Хамнет создава маици со политички пораки, како познатата „Choose Life“ (Одбери живот), која низ годините добива нови, често различни значења.
Маицата со натпис секогаш отвора прашања: кој смее да ја носи и што значи пораката во даден контекст? Дури и таква со симболи на омилениот фудбалски тим може да доведе до непријатни ситуации ако е носена во погрешно време и на погрешно место, а да не зборуваме за такви со ознаки на партии и предизборни слогани. Најинтересни се такви кои ги има на распродажба или од Тему и се со коректорски грешки. Ама маица си е маица, ќе се најде, макар и за кречење.