
Последниве пет години, бројот на забрани на книги во САД има драстично пораснато. Според американскиот ПЕН (здружение на писатели), од 2021 до сега има речиси 16.000 забрани во јавните училишта. Всушност, забраните веќе не се ограничени само на училиштата – дури и институции како Морнарицата на САД времено отстраниле стотици книги поради теми како „родов идентитет“ или „афирмативна акција“.
Ваквите забрани се дел од поширок тренд на авторитарност – ограничување на пристапот до информации за да се контролира јавната свест. Историјата покажува дека слични модели постоеле во Советскиот Сојуз и Источна Европа, кадешто цензурата била систематска и често тајна. Таму биле забранети дела за западниот начин на живот, книги со еврејска тематика, па дури и такви кои содржеле историски факти неповолни за режимот.
Но, постоела и отпорност: тајни мрежи шверцувале книги, печателе илегални изданија и ги ширеле меѓу луѓето. Во Полска, движењето „Солидарност“ било силно поврзано со подземното издаваштво. Но уште поинтересно е што во овој процес учествувала и ЦИА, која преку фронт организации дистрибуирала стотици илјади книги во Источниот блок, како Орвеловите „1984“ и „Животинска фарма“, дела на Ками, Вирџинија Вулф, Пастернак и други.
Инспирацијата зад оваа шема бил шармантен шеф на ЦИА по име Џорџ Мајнден, кој верувал (со право) дека читањето добра литература било корисно за заточените умови на Советите. И навистина, операцијата била успешна, но покренала и морални дилеми – ЦИА внимателно бирала кои идеи да се шират, што значи дека и таа била вид на цензор, иако со цел да ја победи советската идеологија. Тимот на Мајнден успевал да пренесува книги, фотокопири па дури и печатарски машини во СССР кои на луѓето им овозможиле да останат во контакт со западната култура која високите функционери на марксизмот и ленинизмот сакале да ја блокираат.
Заклучокот е сепак предупредувачки: ако во иднина во САД дојде до централизирано забранување на книги, ќе биде потребна меѓународна солидарност за да се зачува пристапот до идеи – слично какошто некогаш Западот им помагал на луѓето од Источна Европа.