Докторат на денот: Важноста да се биде Македонец

На официјалната веб-страница на една од најпрестижните европски образовни институции, женевскиот Институт за меѓународни и развојни студии, деновиве осамна докторатот на Вера Лалчевска, кој се занимава со фамозното прашање за името.

Инспириранo од Оскар Вајлд (The Importance of Being Earnest), насловот на трудот е „Важноста да се биде Македонец: корените и последиците од 'прашањето за името' меѓу Македонија и Грција“.

Дисертацијата на Лалчевска се занимава со темата што им значи прашањето за името на Македонците. Притоа (за инает на домашните слепци со филозофија „Ајде бе, што ќе ни фали?“) аргументира дека тоа не е никаков технички проблем околу насловување на државата, туку проблем што се врти околу едно од најосновните и најсуштински човекови права: правата на Македонците на свој етнички и национален идентитет, како и правото на свој јазик. 

Вели дека трудот е резултат на скрупулозни истражувања што се темелат на историски, правни, политички и истражувања на човекови права, како и теренска работа: над 70 интервјуа со луѓе од Македонија и Грција направени во период од 5 години.

Мојот прв заклучок од истражувањата е дека „прашањето за името“ ни приближно не е САМО процедурално недоразбирање меѓу двете земји околу уставното име на Република Македонија. Тоа попрво е резултат на вековна и тековна асимилаторска политика на грчките власти кон македонското малцинство во Грција а истата таа политика е само прелеана во надворешната политика на Грција кон Македонија. Двете тие политики (внатрешната и надворешната) имаат една и иста цел: елиминирање на постоењето на посебен енитчки и национален македонски идентитет и јазик. Со други зборови, „прашањето за името“ е димна завеса за техничкиот етноцид оркестриран од Грција и помогнат од ОН, ЕУ и меѓународната заедница. Мојот втор битен заклучок од истражувањата е дека „прашањето за името“ има предизвикано сериозни индивидуални и колективни трауми меѓу Македонците, и оние што живеат во Република Македонија и оние што се надвор од неа.“

***

Апсурдноста на ситуацијата се мултиплицира кога човек ќе сфати дека оние што од Македонците бараат да се откажат од своето име, идентитет и јазик не се диктатори туку дипломати и политичари што ги претставуваат оние што треба да се чувари на човековите права.

Целото интервју за Институтот може да го прочитате овде.

 

15 февруари 2017 - 13:27