
Фаворитен е името на десеттиот бецирк во Виена, најнаселениот округ на овој град, јужно од центарот. Историски, тоа било работничка населба, која денес е дом на голема имигрантска заедница, главно од поранешна Југославија, Турција и од Блискиот Исток. Најголемото основно училиште во Фаворитен е локација на истоимениот документарец на австриската режисерка Рут Бекерман, која следи едно одделение од 25 деца во тек на три години, од второ до четврто, после што согласно австрискиот систем тие завршуваат со основно школо.
Деца ко деца, ги има и помирни и поагресивни, и такви што учат и такви што сакаат да се провлечат со лесно, кои подобро го владеат јазикот и други кои влегуваат во училиштето без да знаат ни збор германски. За сите нив се грижи колегиум наставници кои се малку на број и често преоптоварени. Илкај Идискут е харизматична учителка која не оддава никакви знаци дека работата ѝ паѓа тешко, дури и кога за тоа има оправдани причини. Децата со неа низ игрив натпревар со соучениците учат множење и делење, посетуваат катедрали и џамии, играат среде час на гласно пуштена музика или медитираат во салата за физичко додека таа со смирен глас ги води по планински патчиња и цветни ливади. А кога нештата стануваат тензични таа точно знае како да ги разреши конфликтите и во поекстремен случај, без да ѝ е многу гајле за политичка коректност, да доведе во прашање некое стереотипно уверување кое децата го носат од дома (на пример тоа дека жената треба да се облекува како што ќе ѝ наложи мажот). Има и позагрижувачки примери кога ученик вели дека е во ред човек да се однесува агресивно доколку смета дека е потребно и да ги повредува оние околу него. „Од каде потекнуваш?“, го прашува учителката. „Од Македонија“, вели детето. „Не си видел војна како што виделе многумина во твојот клас, па затоа велиш дека насилството е добро“, му одговара таа.
Низ двата часа гледаме како децата растат, ги губат невините црти на лицето, созреваат и сè повеќе разбираат што се случува во нивната мала, но и во пошироката заедница, зборувајќи на теми како војната во Украина или Сирија. Школскиот успех им е многу важен, дури и на оние баш-ми-е-гајле момчиња, кои по добиена единица завршуваат плачејќи. И ние полека им ги учиме имињата и се радуваме на секој нивен успех, сведочејќи како тие самите учат да ја регистрираат реалноста околу нив со филмска камера - дела од снимките се на самите деца на кои режисерката им дава мобилни и ги подучува како да снимаат.
Секако, овој формат - следење на група деца подолг временски период - не е непознат. Веројатно има десетина познати филмови кои го прават истото, некои од нив и во тек на повеќе години. Но секоја приказна е поинаква, а оваа е специфична само за Данило, Еда, Егемен, Маједа, Ребека, Теодора, Мохамед, Валентин и сите останати од нивниот клас, за кои овој филм ќе биде сведоштво за нивното растење во за нив туѓа средина, на кое ќе се навраќаат уште долго откако ќе се прилагодат или пак можеби ќе се вратат во своите средини. Со оглед на околностите, повеќето од нив и да сакаат нема да можат да го остварат второто.
Режисерката Бекерман со голема емпатија и минимална интервенција следи што се случува, полека градејќи го и нејзиниот и нашиот емотивен однос. Кога учителката Илкај објавува дека поради (веројатно ризична) бременост ќе треба да замине на полугодие, веќе знаеме дека последниот ден од нејзиниот ангажман ќе заврши со солзи. Така и бива - во последната сцена низ едно големо гушкање ги чувствуваме сите нивни стравови за иднината без нивното „сидро“ - саканата учителка - но и веруваме. Дека се' ќе биде во ред.
Илина, Букбокс
Филмот ќе биде на програмата на 26 август од 20:30 во Куршумли ан. Целата програма тука