
Студијата „Преференца за донесување одлуки врз основа на интуиција, размислување, пријатели или групно размислување“, објавена неодамна во списание на британското Кралското здружение за биолошки науки, опфатила над 3.500 испитаници – од жители на мегалополиси до мали домородни заедници во Амазонската прашума. Ова е досега најобемното истражување за стиловите на одлучување низ различни култури.
Научниците од Универзитетот во Ватерло, кои го воделе проектот, утврдиле дека дури и во општества каде што се цени меѓузависноста, повеќето луѓе сепак преферираат да се држат до одлука донесена самостојно, без оглед на туѓите мислења. Ова сознание може да помогне во намалување на културните недоразбирања, покажувајќи дека сите се соочуваме со слични внатрешни дилеми.
„Сфаќањето дека повеќето од нас инстинктивно носат одлуки сами објаснува зошто често игнорираме добри совети – било за здравје или за финансии – и покрај доказите дека тие можат да ни помогнат да донесеме подобри одлуки“, вели д-р Игор Гросман, професор по психологија во Ватерло и главен автор на трудот. Според него, ова знаење може да помогне тимската работа да се организира подобро, дозволувајќи им на луѓето прво приватно да размислат, па потоа да разменат совети.
Истражувањето ја оспорува претпоставката дека западните општества се потпираат на самостојно размислување, а остатокот од светот – на колективно. Всушност, во сите опфатени земји интуицијата и личната рефлексија имале предност пред советите од пријатели или толпата, иако степенот на таа склоност се разликувал според тоа колку културата ја цени индивидуалноста или меѓузависноста.
„Главната порака е дека сите најпрво гледаме кон сопственото внатрешно чувство, но најмудрите одлуки често се раѓаат кога тие лични размислувања ќе се споделат со други,“ додава Гросман. „Културата само ја ‘подесува јачината’ на тој внатрешен глас – ја засилува во поиндивидуалистички општества и ја пригушува во помеѓузависни.“