Дене с е тешко да се најдат позитивни моменти кои се случуваат во Египет, една од најстарите цивилизации и истовремено една од најкраткотрајните демократии досега. Веќе извесно време е завршен периодот на неговата слава од 2011, кога на меѓународната сцена важеше како модел на успех заради Арапската пролет, Египет со секој нов политички чекор само ја губи таквата репутација. Неодамнешното прогласување смртна казна за поранешниот египетски претседател Мохамед Морси според Њујоркер е само капак на целата ситуација.
Морси беше притворен во јули 2013, кога власта во земјата ја презема војската. Неговата смртна пресуда, како и на уште стотина други поранешни затвореници од времето на режимот на Мубарак, најпрвин беа донесени во мај, како казна за наводни злосторства направени кога тој и неговите соработници - членови на Муслиманското братство - избегаа од затвор во текот на востанието против претходниот претседател. Морси исто така беше осуден за доживотен затвор за шпиунажа, заради наводна соработка со странски служби, вклучително Хамас и Хезболах. А го чекаат и нови обвиненија. Дал ќе биде убиен или ќе скапе во затвор, пред него секако не е сјајна перспектива,
А до пред три години сè изгледаше поинаку. На првите демократски избори во Египет од јуни 2012 Морси победи со мала предност. Следната година почна да покажува деспотски тенденции и одлучност да го исламизира Египет а неговите грешки се зголемуваа како што се зголемуваа обидите на војската и на секуларната либерална елита да го сменат. Од она што можеше да се слушне на судењето, најлошото за што може да осуди е несмасно и арогантно раководење со државата.
Потоа војската изврши крвава чистка на неговите следбеници од Муслимаското братство, а човекот кој го собори, генералот Абдел Фатах ел-Сиси, доби мандат на нов претседател на изборите од 2014, откако даде оставка од неговата позиција во војската за да стане „цивил". Следеше создавање на култ на личноста околу Сиси; тој е славен како спасител, додека Морси e оцрнет како терорист. Судијата кој ја прогласи неговата смртна пресуда го нарече неговиот режим „сатански". Морси пак, продолжува да се смета себеси за легално избран претседател на Египет, што всушност и е.
Некогаш јакиот Хосни Мубарак, од друга страна, е во принудна изолација. Има 87 години и е со нарушено здравје, живее во воена болница, а кога се појавува на суд главно е на носилка, не зборува и носи очила за сонце. Минатиот месец беше прогласен за виновен за корупција, а во друг случај за смрт на стотици луѓе кои протестираа во текот на востанието против него. Но како што тргнало, Мубарак поскоро ќе умре од природна смрт пред да биде извршена каква и да е долгорочна казна врз него. Што се однесува до него, самиот смета дека на оној свет ќе замине со „чиста совест".
Со сиот овој товар, Египет веќе не е регионален лидер од каков и да е вид. „Револуцијата" од 2011 како да беше илузија, која само ја одложи имплозијата на земјата. Смртната казна за Морси е само пародичен обид за правичност - ако египетските генерали сметале дека бруталноста ќе им овозможи контрола, тие направиле голема грешка. Судењата во кои Морси и други поранешни функционери во судниците се поставени во кафези, покриени со непробојно стакло за никој да не може да ги чуе како викаат, мора да се наречат со вистинското име - фарсични, пишува Њујоркер.
Хероите на арапската пролет од 2011-та кои своевремено добиваа гласни аплаузи од Западот, во меѓувреме или го напуштија Египет, или се убиени или пак седат по затвори. А додека новите владари му покажуваат сила на стариот владар, ИСИС систематски зазема територии источно од Каиро, на Синај (на само неколку стотици километри), освојувајќи полициски станици и брутално убивајќи ги заробениците.