Музика од празните џебови

Ретко кога и некаде било лесно да се живее од музика. Освен ако не си Вагнер па го имаш Лудвиг Втори за мецена, или имаш влада како нашава која ќе субвенционира песни како да е тоа стратешки производ. Последниот тренд во музичката индустрија е стримингот, односно заработка по одслушана песна. За авторите, тоа значи дерење кожа.

Подолу е ефектен инфографик кој одлично ја опишува ситуацијата на авторот со различни формати. Прашањето е: Колку треба еден музичар да продаде за да ја заработи минималната американска плата од  1.160 долари?

Ако сам си изреже ЦД и го даде по цена од 10 долари, за просечна плата ќе треба да продаде 143 ЦД-а.

Па одиме подолу.

Подолу.

Подолу.

Па доаѓаме до денеска доминантниот стриминг модел на Спотифај. За да ставиш илјада долари во џеб, треба песната да ти ја слушнат преку  4 милиони пати! Со други зборови, од секое слушањe, оној што ја направил песната добива мизерни 0,00029 цента.

Свири фајронт.

Еден тазе пример. Ако се сеќавате, на почетокот на 2013-та година, глобален мега хит беше Харлем Шејк и виртуелното видео кое се рециклираше по сите светски меридијани.

Автор на песната е Хери Родригез, млад човек кој ја направил Харлем Шејк во својата спална. Меѓу него и милионите кои песната ги заработи стоеа:

- Гугл (сопственикот на Јутјуб)
- Варнер Брос (дистрибутерот)
- Епл (кој ја продаваше на својата електронска продавница)
- двајца други музичари чии кратки извици биле семплирани и вклучени во песната
- безброј адвокати и менаџери.

Река пари протекла кон Родригез, но минувала низ горенаведените цицалчиња.

Епилог: Родригез од песната не видел ни цент.

22 август 2013 - 15:47