Игра рокенрол цела државна субвенција

Накратко, на сите на кои им падна на памет една така глупа идеја за државни субвенции за македонска музика би им го пуштил другар ми Чеде со саати да им ја пее својата омилена македонска песна: "Од умот се подизгубив". На малку подолго, вака:

"На вчера одржаното заседавање на комисијата за државни субвенции беше решено комисијата да поддржи две песни од ансамблот Битлси. Се работи за нумерата 'Јестердеј', која според стручната оценка на комисијата, ја нагласува историската компонента на британскиот национален идентитет и нумерата 'Строубери филдс форевер' во која авторите го опеваат клучниот сегмент од нашиот севкупен развој - аграрот".

"Комисијата во состав: Доли Партон - заседавач, Мајкл Џексон - заменик претседавач, Френк Запа - записничар, како и Џони Кеш, Бијонсе, Емерсон, Леjк и Палмер - членови (сите извлечени со томбола), синоќа одржа пленарна дебата по повод годинешните субвенции за американската музика. Се водеше искрена но напати жолчна дебата во која...."

ОК, јасно. Можете ли, дури и со помош на патриотски психотропни супстанци да замислите дека е можно да налетате на ваква вест во НМЕ, Ролинг Стоун или било кој медиум од било која нормална земја која има било каква нормална музика?

Идејата е толку уздуж и попреку глупава да дури и те снеможува да се заебаваш со неа.

Што, Македонија нема панкери? Ставревски, дај молим те види у тоа буџетот, најди ставка, знам едно дете, малку гневно ама воспитано...

Што, полошко - кумановската област слабо стои со хеви-металци со што се прави регионален дисбаланс кој долгорочно ќе му наштети на националниот слух? Тендер, Канчевска Милевска, тендер!!

Што, слабо стоиме со стари народни песни на тема локални избори? Дајте МРТВ нека распише конкурс, ама гледајте да е поштено, да се јават стварно стари, минимум од турско.... 

Ало, Влада!

Сте чуле вие дека паралелно со државните пари, стратегии, буџети и проекти постои нешто што се вика - живот? И дека тој, таков, нејќе ама баш во сè да зависи од вас? Дека музика се сака без тендери, дека деца играат фудбал затоа што им се шутира топка а не затоа што ги набљудува некој од државна комисија, дека копиљ треба да земе гитара во рака ако му прави тоа ќеиф а не затоа што стариот негов знае некого што одлучува?

И што ако ова искрено го мислите како поддршка за - пази богати - македонската музика! Што ми е мене битно дали некоја песна е македонска ако е шкарт? Ама не е шкарт затоа што прошла низ објективна комисија? Мајката! Сте виделе некаде некогаш така да се решава за тоа, со дигање прсти? Панкот се изродил со помош на прегласување? Електронската музика станала популарна поради јако лоби во некои министерски кулоари или алтернативната музика секаде е под јурисдикција на политичката опозиција?

Годишно ќе се доделуваат 38 субвенции во категорија  - ѕвезди? Па Македонија нема толку музички ѕвезди во историја бре! Макар Драган Ѓаконовски Шпато го броеле како тројца.

Или стварно мислите дека така се штанцаат ѕвезди? Што не поделите субвенции и ретроактивно? Да речеме на НН авторот на "Сестра кани брата на вечера", бидејќи штом таа има да бира кое дете ќе го даде, тогаш гарант е многудетно семејство?

Ако не е јасно за што овде се зборува, наметнете си обврска - 20 ли, колку ли ве има во кабинетот, отсега да морате да работите на - македонски компјутери. Ама нема македонски компјутери? Е па, распишете тендер. Нормално, поштен. Нека победи најдобриот од пријавените. Аха, ако, нека е шкарт, само да е - македонски. Прифаќате?

Дотогаш, накратко, само четири збора:

 

17 април 2013 - 11:38