Не знам ни зошто исток не отпишуе и запад не не запишуе, ниту па зошто Грциве можат да банкротираат 7 пати во 50 години, а ја имам минус на кредитната од само две плати. Ич па ич не разбирам како може Франција да праќа илегални имигранти назад од кај што дошле, а ние да бидеме приморани да примиме 200.000 бегалци во еден ден што е 10% од популацијата и да ни биде замерено дека им немаме изградено тениски игралишта.
Уште многу други работи не разбирам, ама едно знам - доста е!
Младоста ни помина, смрадови непрокопсани. Вам лисјата пак ќе ви се вратат. Нам младоста??? ЈОК!!! Младоста ни помина во војни, во конфликти, во меѓуетнички заебанции, во партиски поделби, во злоба, образа и ограниченост на размислување.
Абе има деца, абе од државава не излегле. Абе има деца не знаат како е дома да имаш одвод за канализација. 2015-та е, уште одат во полски вециња надвор од куќите. Не знаат како е да имаш контејнери кој што некој редовно ги празни. Се што знаат е дивата депонија на крајот од нивното село. А ако не дај боже излезат од државава, уште им викаат да пазат некој да не им стави дрога во пијачката. Одат на шетање, ама на челото им пишува: Не су одавде, дојдов да си купам кондурчина.
Има деца не знаат што значи слобода на говор. Не знаат што значи да размислува со своја глава. Има деца кои што цел живот се учени да ќутат. Стравот им е влеан во коски од моментите кога почнувале да се развиваат како личности. Веднеат глава и сонуваат да се бутнат некаде со работа кога ќе завршат факултет. Не знаат што е интелектуален предизвик. Не знаат што е конкуренција.
Има деца што не знаат што е телевизија. Ни ги закржлавевте мозоците со серии каде главниот протагонист сам себе си си е братучед. И пошто не е доволно што имате 10 такви серии на ден, ги репризирате по два пати.
Да, и порано не делеа на вмровци и сдсмовци, на центарци и аеродромци, на сељаци и кремци. Со таа разлика што ние и покрај тоа се дружевме, заедно патувавме, заедно се пијанчевме, бевме дечковци и девојки, бевме швалери, бевме љубовници, се фаќавме и раскинувавме, се мразевме и се сакавме. Гајле ни беше како не ословувате, дали не етикетирате и дали не делите. Сега на маса не можеме заедно да седиме. Ко мачки на вжештен лимен покрив сме. Очи ќе си извадиме со голи раце. За што? За туѓи бели дворови.
Градот ни е уништен. Секое ќоше каде што сме дремеле по улици е уништено. Смогот се лепи на гипс картонот што никнува насекаде низ градов како печурки после дожд. Дрвата се сите заклани. Воздухот не се дише. Во зима смрди. Во лето се лепи на плуќа, не можеш да го издишеш. Ги нема скејтерите, панкерите, ги нема металците, ги нема ни скинерите. Каде се сите оние деца што дремат по улици? Јас ќе ви кажам каде се. Дремат по кафичи со ефтин турбофолк. Пијат виски. Не зошто така им е поубаво. Нема каде да дремат по улици. Секое парче отворен простор од градов е узурпирано. Се судираме по тротоари, немаме каде да се разминеме.
Предавникот овој, кодошот оној, душманите оние, душебрижниците овие. Не труете деноноќно со зборови и фрази полни со омраза. Не претворивте во дедовците од мапет шоу. Душебрижници! Па каков бре збор е тој! Што треба да има поминато и видено еден средношколец или факултетлија за да го користи тој збор?
Доста е дечки. Доста е. Земете си ги милионите, земете си ги жените, швалерките, фамилиите и роднините и одете си. Доста е.
Оставете не да се сакаме, да му се радуваме на животот, да пиеме пиво во понеделник вечер уз муабет за тоа кај сме биле, со кого сме биле и што сме правеле викендов, а не за Груевски и Заев, за Бранко и Љубчо, за Ојле и за Дојле.
Доста е.
by @jovanatozija
via Кокошарник