
Во 15 влажни пештери во Словенија живее една слепа бубачка која дели гени со уште 41 други видови и 95 подвидови. Таа, како и нејзините роднини, е предаторски инсект, кој се храни со помали пештерски жители. Тоа е единствената карактеристика која може некако да се поврзе со името - Анофталмус хитлери, на словенечки Хитлерјев брезокец или по нашки Ќориот Хитлер (анофталмус - без очи).
Хитлеровата бубачка била откриена во 1932 од словенечкиот природонаучник Владимир Кодрич. Toj ја пратил кај негов пријател, колекционер од Австрија, Оскар Шајбел, кој потврдил дека инсектот е навистина нов и првично предложил да се вика Анофталмус Кодричи, според неговиот откривач. Но како страствен нацист, во момент кога Хитлер станал канцелар, Шајбел се предомислил. Во 1937, формално го предложил името во германско научно списание, посветувајќи му го инсектот „како израз на мојата приврзаност“. Ова не поминало незабележано од Хитлер, кој му испратил писмо со благодарност.
Видот не покажува некои посебни карактеристики, како необични антени или екстравагантни бои. Па сепак, колекционерите на бубачки, а особено оние кои собираат предмети поврзани со Хитлер и нацизмот, се крајно заинтересирани за него, имено поради неговото име. Ова дури поттикнало и загриженост за одржувањето на видот, но со оглед на тоа што тој живее во пештери истребувањето тој не е загрозен.
Приказната за бубачката е раскажана во нова епизода на подкастот „99% невидливо“, каде таа се поврзува со поширока дебата во зоолошката фела за тоа дали е потребна ревизија на СИТЕ научни називи на живи суштества, со оглед на тоа што има и такви кои содржат од денешен аспект навредливи (на пример расистички) термини. Списокот е воспоставен уште од 18 век од Карл Лине, шведскиот доктор и ботаничар, а пред него видовите имале долги описни „имиња“, како „растение со бели цветови со жолти дамки во средина и лисја кои се благо испресечени на краевите“. Лине го поедноставил ова со примена на конвенција која подразбирала два збора, латински или старогрчки. Нему можеме да му заблагодариме што нè нарекол Хомо сапиенс (и покрај големиот број луѓе што не се баш 'сапиенс', односно мудри).
Но низ вековите, како што се откривале растенија и животни, принципите на именување на Лине, кој изричито барал да не се користат имиња на светци и на луѓе „познати во други области“, биле напуштени. Научниците почнале да именуваат видови по личности на кои им се восхитувале. Ваквото именување се случува и денес. Дарек Хенен, истражувач на стоногалки, неодамна именуваше една во чест на Тејлор Свифт чија музика го придружувала на теренските патувања. Сега таа се вика Нанарија свифтае. Арнолд Шварценегер има два инсекта именувани по него - Агра шварценегери и мал инсект со огромни нозе, Мегапропидофра арнолди.
И додека именувањето на видовите по славни личности може да изгледа корисно па и забавно, ова со Хитлер покажува дека проблематичните имиња можат да имаат сериозни последици. Можеби инсектот нема да биде истребен, но неговите ловци влегуваат во пештерите каде го уништуваат ранливиот еко-систем, а на подот поставуваат стотици стапици. Сочуваните инсекти се крадат од музеи во Германија и се продаваат за големи суми. За ова словенечката влада дури и воведе закон од 2004 за заштита на подземните суштества како оваа бубачка, а најпосетената пештера беше затворена за јавноста.
Сепак, преименувањето на веќе именуваните суштества е прекомплицирана работа. Останува да се промовира свеста дека именувањето по личности е политички чин, и дека научниците би требало да се покреативни користејќи локални зборови, значајни локации, па дури и сугестии од јавноста. Така би се избегнал ризикот на име кое и денес, а особено во иднина, може да биде контроверзно.