(фото: Epa Images)
Сега тазе градоначалник на Њујорк, во текот на изборната кампања Зохран Мамдани се претставуваше како кандидат на обичниот народ, со корени во активизмот. На моменти имаше и впечатливи потези: се нурна во студениот Атлантик за симболички да ја одбележи емпатијата со народот, го прекина рамазанскиот пост во метро со бурито, а неколку дена пред изборите пеш изоди цел Менхетен, запирајќи за селфија со граѓани. Пред да влезе во политиката, работел како советник за домување, помагајќи им на сиромашни семејства во Квинс да избегнат иселување. Голем фан на хип-хоп и рапот, во 2016, под псевдонимот „Младиот Кардамон“, соработувал со рапер од Унганда - првата песна им се викала „Чап чап“ и се однесувала на „пачати“, индиска храна која е прифатена и во Уганда.
Интересно е и приказната на неговите родители. Мајка му е познатата режисерка Мира Наир, по потекло Индијка која студирала социологија и добила стипендија за Харвард универзитет. Нејзиниот филмски пробив доаѓа со „Салаам Бомбај!“ (1988), инспириран од нејзините искуства на улиците на Мумбаи, каде што го прикажува суровиот живот на бездомните деца. Филмот ја освои „Златната камера“ во Кан и беше номиниран за Оскар.
Нејзиното творештво опфаќа различни континенти и идентитети. Со „Mисисипи масала“ (1991) отвори нова тема - љубов меѓу црнец и Индијка од Уганда, што во тоа време беше речиси незамисливо во филмската индустрија. Со „Moнсунска свадба“ (2001), кој го доби „Златниот лав“ во Венеција, го истражуваше судирот меѓу традицијата и модерноста во едно индиско семејство од Делхи.
Во 1989 година, додека во Уганда истражувала за „Мисисипи масала“, Наир го запознала Махмуд Мамдани, познат политички теоретичар и професор. Првично сакала да го интервјуира поради неговата книга „Од граѓанин до бегалец“, но нивната средба се претворила во љубов. Се венчале во 1991 година, а истата година се родил Зохран. Мамдани е роден во Мумбаи, но израснал во Кампала, Уганда, во индиската дијаспора. Во 1972 година, диктаторот Иди Амин протерал околу 60.000 Азијци од земјата, меѓу кои и Мамдани. Докторирал на Харвард во 1974 година, а потоа предавал на универзитети во Танзанија, Јужна Африка и САД. Денес е професор на Универзитетот Колумбија во Њујорк.
Од 2010 до 2022 година го водел Институтот за општествени истражувања „Макерере“ во Кампала, кој го претворил во водечки центар за постколонијални студии. Се смета за еден од највлијателните африкански интелектуалци за колонијализмот и политичкото насилство. На прашањето колку политиката на неговите родители влијаела врз Зохран, таткото изјавил дека тој си е своја личност, иако неизбежно пораснал во средина полна со идеи и дебати. Мира Наир, пак, му се спротивставила: „Не се согласувам. Светот за кој зборуваме, го пишуваме и го снимаме - точно тоа е светот што Зохран длабоко го впи.“