Силните ветришта, сушата, градот, поплавите и пожарите, се библиските катастрофи кои се предизвик за верниците. Бог може да не биде одговорен за грешките направени заради човечката слободна волја да бира помеѓу доброто и злото, но зошто дозволува и природата - којашто самиот ја создал и ја контролира - да го прави истото? Дали со секоја природна катастрофа сака нешто да ни порача? Но дури и тогаш, зошто се казнети и луѓе кои ништо не згрешиле?
Бог дозволува зло, но не го посакува - гласи ставот на Тома Аквински и на неговите истомисленици - тој е примарната причина за постоењето на светот, но не и секундарната причина за сето она што се случува во него. Со тоа дури и теолозите се обидувале да најдат среден пат помеѓу неможноста да се обвини никој, и можноста да се понесе одговорност од секого. Секако, сево ова останувало на ниво на апстрактна спекулација до моментот кога ќе се случела вистински голема несреќа.
Таков бил големиот земјотрес во Лисабон од 1755, кој се случил на 1 ноември, токму на денот на Сите светци, и тоа како комбинација на последователни пожари и цунами, кои речиси целосно го уништиле градот (за одличен фиктивен опис базиран врз документи види го расказот „Грев и казна“ од „Од каде што бев, веќе не сум“ на Дејан Тиаго Станковиќ). Иако не се знае точниот број на жртвите (се шпекулира со бројка и од 100,000 луѓе), тој се смета за еден од најсмртоносните во историјата, кој довел до раѓање на модерната сеизмологија и земјотресно инженерство.
Настанот имал големо влијание врз тогашната интелигенција. Адорно го споредил со холокаустот, во смисла на ефектот којшто го имал врз тогашната култура и политика. Удрил на значаен црковен празник, и ги уништил речиси сите цркви во градот со доминантно католичко население, во земја во која државата и верата не само што не биле одделени туку и меѓусебно се преплетувале. Филозофите на тогашното просветителство користејќи го овој пример го засилиле нивниот став дека „овој свет НЕ е најдобриот од сите можни“ и дека Бог НЕ е некое доброќудно суштество кое се грижи за своето стадо. Истовремено, филозофи како Русо, кои се залагале за живот поблизок до природата, ја обвиниле урбанизацијата и современиот начин на живот (непланската градба, пренаселеноста) за големиот број жртви.
Кант објавил три одделни текста за лисабонскиот земјотрес, меѓу кои и еден во кој се обидел да формилира теорија за настанувањето на земјотресите воопшто. Според неа, под земјата постојат огромни пештери полни со врели гасови кои од време на време се поместуваат и експлодираат. Иако неточнa, оваa теорија била еден од првите модерни обиди да се објаснат природни катастрофи без удел на натприродното.
Од политичка гледна точка, земјотресот имал огромно влијание врз португалските односи на моќ во оваа област. Премиерот му бил омилен на кралот, но крајно неомилен на старата аристократија. Сепак, неговата компетентност во решавањето на кризата му донела голема поддршка. Тој не само што успешно го реконструирал градот, туку во секоја административна област испратил прашалник („Во колку часот започна земјотресот и колку траеше?“, „Дали ударот беше поголем од една или друга насока?“ итн.), кој денес се чува во националниот историски архив, а кој послужил за целосна реконструкција на она што се случило од страна модерните сеизмолози.
„Природното“ зло, таа невидлива и несовладлива сила, така полека станувала и поразбирлива и посовладлива, ако не сосема предвидлива а тогаш барем со јасни назнаки за она што е потребно за намалување на жртвите и на ризикот. Но кога официјално лице по слична катастрофа ќе излезе на телевизија и ќе соопшти дека таа е резултат на „Господ и на природата“, тогаш останува чувството дека не живееме во 21-тиот, па дури ни во 18-тиот век, ерата на просветителството, туку многу, многу порано.