„Горе“ е елитистичкото образовано малцинство кое со презир гледа кон помалку информираните. „Долу“ се научно хендикепираните кои или воопшто немаат интерес за овие теми, или тие преку медиумите им се сервираат на начин кој е повеќе заглупувачки отколку информативен. Некаде на средина има луѓе кои се обидуваат да го прескокнат тој јаз, за доброто на сите.
За илустрација на тоа како стојат работите кај нас по ова прашање една анегдота: странски професор-угледен славист и академик држи предавање во кое пледира македонската лингвистика да излезе од својата „зона на конфор“ и да почне да се занимава и со современоста, со говорот на „обичниот“ човек денес. Присутните македонски научници се наоѓаат погодени - велат дека тоа веќе се прави и дека имале „многу магистерски и докторски“ на вакви теми. На прашањето од публиката зошто тогаш не се проактивни во споделувањето на ваквите резултати на социјални мрежи, блогови и сл., директорката на институцијата-домаќин остро возвраќа: „Кој сака да се информира нека си ја отвори нашата страница, нема што ние да се рекламираме“.
Последна објава на посочениот сајт е од 2013, и гласи: „Eвалуацијата претставува процена на квалитетот на високото образование, која опфаќа голем број експлицитни процедури за проценување на институциите за високо образование...“. Блиску до „обичниот“ човек, кој сака да дознае што прават оние кои го проучуваат јазикот на којшто (и) тој зборува.
Бројот на оние кои не мислат дека ќе им се срони академскиот бисер ако својата работа им ја приближат на оние кои не се од еснафот во земјава е мал. Впечатокот е дека тоа не е (толку) прашање на време, ресурси и мотивација, туку на генерален став во рамки на локалната академска заедница според кој „спуштањето“ на научниот дискурс би било сигнал дека науката е нешто со кое може да се занимава секој, а таа - нели - не е „секој“.
Соочени со ваквата интерпретација на популаризаторскиот ангажман, според која тоа е губење време, вулгаризирање и/или немање сила за занимавање со „вистинска“ наука, и оние малкуте ентузијасти едно време снеможуваат. Странски примери како оној неодамна презентиран во МАНУ од страна на Никола Стиков, професор по биомедицински инженеринг од Универзитетот во Монтреал, основач на официјален блог на Организација за мапирање на човечкиот мозок чијшто написи се пренесуваат на Хафинтгон пост и Њујорк Тајмс (најновиот е за врската помеѓу уметноста и невронауката), се дочекуваат со скепса, особено од повозрасните колеги. Не помага (многу) ни забелешката дека за ваквите промоторски активности оние кои даваат грантови за проекти се подготвени и да платат. Или дека, на крајот на краиштата, и со и без пари тоа би требало да е интелектуална должност, ако не и ќеф.
„Луѓе умираат затоа што не можеме да искомуницираме на начини кои ќе ни овозможат да се разбереме“, пишува Алан Алда во новата книга „Ако те разбирам, тогаш зошто фацата ми е ваква?: моите авантури во науката на поврзувањето и комуникацијата“. „Ова звучи како претерување, но не е. Кога пациентите не можат да ги разберат своите доктори и не ги следат нивните упатства, кога инженерите не можат да убедат некој град дека браната може да попушти, кога родителот не може да ја здобие довербата на детето дека некоја дрога е смртоносна. Сите овие случаи можат да завршат кобно“, додава тој.
Самиот Алда не е научник, туку актер - шесткратен добитник на наградата Еми, најпознат по улогите во „Меш“ и „Западно крило“. 14 години (до 2005) беше водител на „Научни американски граници“, телевизиско шоу кое се обидуваше да ја информира јавноста, на наједноставен начин, за најновите достигнувања во науката и медицината. Тој е основач на Центарот Алан Алда за комуницирање наука на Универзитетот Стони Брук, каде самиот предава, учејќи ги студентите-идни научници како да го објаснат она што го работат без да користат академски жаргон, со соодветен говор на телото кој сигнализира отвореност и желба за разбирачка, но и со постојано следење на слушателот и неговите евентуални недоумици или нејаснотии, кои тој можеби се снебива да ги искаже (за да не испадне глуп).
Научниците според него се обучени да го изоставуваат личното од комуникацијата. Ова функционира кога професионалци зборуваат еден со друг. Но кога се работи за јавност луѓето сакаат да слушнат приказни, да ги стават фактите во контекст, да имаат чувство за човекот зад одреден научен резултат. Тие треба да знаат за стравовите, непроспиените ноќи, често скромните примања на научниците, но и за чувството на авантура и задоволство од добро завршената работа, која е награда за сè.
Алда во работата со студентите користи методи на импровизација како што тоа го прават комичарите и актерите воопшто. Негова цел е тие да стекнат самодоверба и кога излегуваат од „зоната на конфорот“ - вон својот академски меур да се однесуваат спонтано и пред сè со разбирање и почит кон соговорникот. Кој за повеќе информации може да го посети нивниот сајт.
Поврзано: Научници, бидете малку и новинари!