Оние кои некогаш се обиделе да следат трага на вест која вклучува нови сознанија од областа на психологијата, фармацијата или исхраната, знаат како изгледа тој синџир. Така наслов „Лутата храна може да ви го продолжи животот" од локални портали прво можеби ќе го сретнете објавен ден претходно на српски или хрватски сајт, па пак неколку дена пред тоа во Тајм или на Би-би-си, кои ја презеле веста од Сајентифик Американ или од Смитсонијан. Но на почетокот на синџирот всушност стои вископарно академско списание, од типот на Вritish Medical Journal.
Некаде по пат името на оној кој стои зад оригиналното истражување или сосема се загубило, или се пишува по инерција - не дека некој знае кој е тој Лу Ки, вонреден професор по јавно здравје на Харвард. Човекот е експерт за исхрана, почитуван и цитиран во куп академски публикации, но она што најчесто стигнува до нас од ваквите истражувања е толку разводнето, сфатено-недосфатено, погрешно препишано и сл., што кога оригиналните автори би имале увид во сите тие пренесувања на нивните резултати би се отепале од пишување исправки и деманти.
Што е проблемот што тој ист Лу Ки и сличните научници на него самите да ги пишуваат научно-популарните верзии на нивните истражувања? Според текст во Гардијан, има повеќе причини. Најважната веројатно е тоа што ваквата активност не само што не им се брои, туку може и да има негативни последици по нивната „сериозна“, академска кариера. Друго е што тие не се навикнати да пишуваат „нормално", односно со неакадемски стил, а трето е што се - срамежливи.
„Професорите би можеле да искористат малку од базичните новинарски вештини", вели Бони Халперн-Фелшерн, професорка по педијатрија на Станфорд, ко-авторка на студија за влијанието на е-цигарите врз адолесцентите. „Луѓето велат дека добро пишувам, но понекогаш се срамам да се обратам на лаици".
Пишувањето за поширока јавност за многумина како неа е страв од непознатото - затворени во своите „кули од слонова коска" научниците како да забораваат дека надвор од нивната лабораторија посто нешто што се вика „јавност“, и едноставно не знаат како да комуницираат со тој друг, поинаков свет. Не се работи тука само за арогантност (иако има нешто и од тоа), туку за недостаток на комуникација, и отсуство на желба и волја сложените концепти да се поедностават.
Од друга страна, што знае „обичниот човек" од наука ако не за еден Карл Саган, за Дејвид Белами или за Оливер Сакс, кои се луѓето кои ја прескокнале таа невидлива бариера помеѓу астрономијата, ботаниката и неврологијата, за да ги приближат овие науки до јавноста? Еден од начините за да се прави ова е отварање на лични блогови на научници и истражувачи каде на полежерен начин би се објаснил начинот на нивната работа и резултатите од неа. Точно е дека ова одзема време и концентрација од „сериозните" статии и академски постигнувања, но од друга страна има огромен општествен учинок, како за описменување, така и за контролирање на потенцијалната штета од полуписмените и полуинформирани новинари, кои само по игра на случајот залутале во рубриката „наука“.
Освен тоа, ваквото пишување е корисно и за самите истражувачи, кои кога објаснуваат нешто на некого вон браншата мораат да бидат конкретни, да не се кријат зад жаргонот и „да ги прескокнат срањата". Тогаш и тие повеќе разбираат дали и што не штима во нивната теорија.
Ако следниот пат видите некоја квази-научна статија во рубриката „На дното", обидете се да го најдете оригиналот во некое од стручните списанија, па ќе сфатите на што точно мислиме. Кога академијата би ги ценела повеќе напорите на научниците да се обратат на пошироката јавност и би им ги зела предвид при нивната промоција во повисок ранг, тоа би можело да биде мотив плус. Вака, оние кои го прават тоа понекогаш се сметаат за „забавувачи" кои застраниле од научниот, бирајќи го полесниот (кој за нив е всушност потежок) пат.