Поврзаноста на сликарството со музиката е во фокусот на изложбата „Кандински: Музиката на боите“, поставена во Музејот на музиката при Филхармонијата во Париз, во соработка со Центарот Помпиду. Претставени се речиси 200 дела на рускиот пионер на апстрактната уметност, како и предмети од неговото ателје, со што се прикажува колку силно музиката влијаела врз неговото творештво.
Роден во Москва во 1866 година, Кандински првично студирал право, но на 30-годишна возраст се запишал на ликовна академија во Минхен. Истата година присуствувал на операта „Лоенгрин“ од Рихард Вагнер, која оставила длабок впечаток врз него. Подоцна ќе запише дека тогаш „ги видел сите свои бои“ и дека сфатил оти сликарството може да има истата сила како музиката.
Во Минхен учел кај сликарот Антон Ашбе, а потоа на Академијата за ликовни уметности. За време на Првата светска војна се вратил во Москва, но во 1920-тите повторно се преселил во Германија, каде предавал на школата Баухаус сè до нејзиното затворање во 1933 година од страна на нацистите. Остатокот од животот го поминал во Франција, каде ги создал некои од своите најзначајни дела. Со тек на време, целосно се посветил на истражување на бојата и формата без поврзаност со реални предмети или сцени.
Изложбата го следи токму овој развој, почнувајќи од неговото прво „музичко откровение“ со Вагнер, па сè до трите големи „Композиции“ – VIII (1923) од музејот Гугенхајм во Њујорк, IX (1936) од Помпиду и X (1939) од музејот во Дизелдорф. Сите три се огромни платна, долги околу два метри. Поставката е поделена во 12 тематски целини што ја нагласуваат улогата на музиката во неговото творештво. Некои негови дела носат наслови како Фуга и Импровизација, а други директно се инспирирани од музички настани – како сликата „Импресија III (Концерт)“, создадена по концерт на Арнолд Шенберг. Посетителите носат слушалки кои автоматски ја менуваат музиката во секоја сала, составена од композиции на Шенберг, Александар Скрјабин и други.
Ова не е прва изложба од ваков тип во Музејот на музиката – таму претходно биле одржани слични поставки посветени на Пикасо, Шагал, Кле и Баскијат. Директорката на музејот, Мари-Полин Мартен, објаснува дека целта не е само да се поврзат биографските податоци, туку да се истражи длабоката врска меѓу музиката и ликовната уметност. За музичката подлога на изложбата, тимот на куратори и пијанистот Михаил Руди ја проучиле личната колекција плочи на Кандински, која денес се чува во архивата на Помпиду.
Изложбата „Кандински: Музиката на боите“ ќе биде отворена во Музејот на музиката при Филхармонијата во Париз до 1 февруари 2026.