На 2 мај 1999 година, актерската и останатата филмска екипа имале слободен ден од снимањето на „Гладијатор“. Сите излегле да уживаат во својата недела. Меѓу нив и британскиот актер Оливер Рид (1938-1999), кој му се заколнал на режисерот Ридли Скот дека нема да пипне алкохол додека не заврши проектот. Откако ригорозно си го држел зборот со месеци а му останале уште само неколку сцени за снимање, решил да наврати во паб во Валета, главниот град на Малта.
Осум пива подоцна, уште при себе, решава да се врати во својот хотел. Но, само што излегувал низ вратата, слушнал провокација рамна на предизвик на двобој:
„Оли, си за по една?“
Некои британски поморски офицери го препознале. Идеална прилика да спушти рачна. Рид ѕвизнал десетина дупли рума во муабет со земјаците. Потоа фатиле да се буткаат на рака а за да не пресуши, мавнал и шише виски. Не е тоа лош цуг за 61-годишник.
На некои буткања победил, на некои загубил, давал автограми ина крај со гушкања со простил со морнарите кои морале да се вратат на брод. Тоа бил моментот кога почувствувал дека останува без здив. Се струполил. Утредента весниците пишуваа како апсурдно завршил неговиот живот но за Рид, да се умре додека се пие во паб била најдобрата можна опција.
Во тоа време неговата слава веќе беше избледена но обожавателите се сеќаваа каква легенда беше тоа. Уште од детството, во очите на неговите соученици, Рид бил за восхит затоа што можел многу да трпи ќотек и секакви физички казни, единствените методи што ги користеле 14-те британски училишта што ги посетувал обидувајќи се да го зауздаат овој неконтролиран ученик, кој страдала од дислексија, хиперактивност и екстремна срамежливост.
Рид никогаш не се сомневал дека му е судено да стане ѕвезда. Неговиот вујко Керол - режисер на Третиот човек (1949) - му ги отвора вратите во филмските студија: почнува како статист, па зема улоги во некои хорор филмови за конечно да ја добие улогата на негативец во Оливер! (1968) која ќе му донесе глобално признание.
Тој ни оддалеку не е класичен актер од британската сцена. Никаква театарска обука, уште помалку интерес за Шекспир. Омилена книга му била Вини Пу. Но, имал една интуиција која му ги водеше ликовите до крај, како што малкумина актери знаат да направат. Згора на тоа поседуваше фигура на возбудлива мажественост, проткаена со агресивност, што не беше далеку од неговата реална личност.
Неговиот голем пријател Мишел Винер за него има кажано:
„Оли е најљубезниот, најмирниот и најучтивиот човек на светот... додека не почне да пие“.
Влегувањето во паб секогаш бил почеток на војна бидејќи пијанките обично завршувале со тепачки. Преферирал да го изведе тоа на џентлменски начин, како што бара неговото благородно потекло: ќе го прифател предизвикот, ќе отишол до дома за да го облече својот најдобар костум Savile Row и се појавувал навреме. Но, имало и поинакви завршници; како кога се степал со десетина верници кои рекле дека „сите глумци се педери“. Завршил претепан, со лузни кои ќе му останат до крајот на животот. Не жалел за ништо од тоа. Жалел само што заради скршената вилица, со месеци после таа тепачка, морал да пие виски преку цевче.
Пабовите не биле неговите единствени арени. Дејвид Хемингс, главниот лик на „Blow-Up“ (1966), го земал да пијат во неговата хотелска соба. Пробал да го следи ритамот на Рид па се онесвестил од пиење. Кога се разбудил, сфатил дека виси наглавачки преку прозорец на шестиот спрат додека Рид го држи за глуждовите и рика од смеење.
На филмски сет му се вкрстуваат патиштата со режисерот Кен Расел, неподносливиот миленик на британската кинематографија, кој кариерата ја градеше со секакви претерувања. Тој и Рид кликнуваат. Неговата слава вртоглаво порасна, благодарение на улогата во Вљубените жени (1969), во која беше вклучен и првиот машки 'пиштол гол' фронтален кадар во британската кинематографија. Не му било лесно да го направи тоа, но откако успеал, ја надминал сета срамежливост од детството.
За да се почасти за успехот, една пијана ноќ решил да истетовира орелско крило на својот штотуку филмски овековечен дел од телото. Подоцна објаснувал како своерачно помагал тату-мајсторот да има мазна и затегната површина за работење а потоа покажувањето на тетоважата му станал дел од пијаните ритуали, без разлика дали се убива од пиење со Ози Озборн или пак е гостин на некоја гала забава.
Расел беше одговорен и за најголемиот судир на титани некогаш случен во светот на кинематографијата, кога на Рид му понуди улога во Томи (1975), рок операта базирана на музиката на британската рок група The Who.
А во Ху е и тапанарот Кит Мун, човекот кој убиваше досада со голтање анестетици за коњи.
Кога Мун дознал за успешниот кастинг на Рид, бил нетрпелив да го запознае својот нов партнер на снимањето па со хеликоптер се упатил кон викторијанската палата на актерот. Кога го слушнал татнежот, пијаниот Рид, кој во тоа време се туширал, помислил дека се работи за Советска инвазија. Земал двоцевка, гол истрачал надвор и почнал да пука кон „агресорот“.
Пријателството веднаш било запечатено (залиено). На пијано се мечувале, се обидувале да се прегазат со автомобил или гледале домашни порна кои ги снимал Мун со девојка му.
На продукцијата ѝ било јасно каков експлозивен тандем имаат склопено па решиле тие двајца да бидат сместени во башка хотел од остатокот од екипата. Џабе. Муабетите за бескрајните журки и голи жени брзо се рашириле па сите членови на екипата навечер завршувале кај нив. Масивни оргии, демолирање соби, претерување во сè. Рид признава дека било тешко да остане во чекор со Мун.
Сепак, ништо од ова не влијаело на неговата работа. Што и да се случило претходната вечер, утрото прв стигнувал на снимање и со строг професионализам ги изведувал своите сцени.
Никогаш не стигна до првата лига на ѕвезди. Беше блиску до тоа кога Шон Конери реши да го напушти ликот на Џејмс Бонд а Рид беше назначен за негов наследник. Шкотланѓанецот на крајот сепак се пишмани. Можеби ќе стигнел до првата лига кога Стив Меквин отпатувал во Лондон за да му предложи заеднички филм. Се сретнале во омилениот паб на Оливер ама на крајот овој се исповраќал на гостинот. Му беа понудени делови во The Sting (1973) и Jaws (1975), но ги одби бидејќи не го занимале такви филмови.
Не сите беа благонаклони кон неговиот стил. Бет Дејвис го нарече „едно од најодвратните човечки суштества со кои сум имала несреќа да се сретнам“. Режисрот Пирс Хагард го има најдено како пробува да го преврти трајлерот на германскиот актер Клаус Кински, дерејќи се: „Излези бе, копиле едно нацистичко!“ И Роберт Мичам не бил баш најсреќен што морал да ја гледа тетоважата со орелското крило.
Но, кога ќе нашол пријател, тоа било за сите пари. На пример како со Ли Марвин, исто така еден од легендарните холивудски актери и алкоси. На нивното прво дружење во стриптиз клуб во Мексико, Марвин се онесвестил од пиење среде вооружена престрелка во клубот, па Рид морал да го одвлечка за нозе надвор на безбедно.
Велат дека почнал да го чувствува крајот на неговите славни години откако ја преминал бариерата од 40 години, кога сите негови ексцеси одеднаш станаа видливи. Еден критичар, за неговото лице кажа дека личи на најлошо очуваниот камен во Стоунхенџ.
Ги демантираше злобните муабети женејќи се со 25 години помлада од него. Од иста плетка.
„Повеќе сакам кога е пијан, тогаш е позабавен. Кога е трезен, досаден е уби боже.“
По венчавката која траела три дена и три ноќи а Рид носел само килт (за полесно да ја покажува тетоважата), двојката решава да се пресели на остров на Ла Манш. Причина: и последниот паб во областа во кој му бил дозволен влез, му го прекинал гостопримството. Последниот пат кога ги посетил, им се качил на кров и од оџакот им се дерел: „Јас сум Дедо Мраз!“ Решава во новиот крај веќе никогаш да не добие забрана за влегување во паб: си прави паб дома.
Иако филмовите му беа успешни, продуцентите веќе не се осмелуваа лесно да го ангажираат знаејќи што сè носи неговото присуство на снимањето.
Откако на фаца паднал (пијан, нормално) на гала вечера на Британскиот филмски институт во чест на неговиот високо почитуваниот вујко Керол, а луѓе подоцна му честитале, сфатил дека тоа можеби е добра финта па решава на фановите да им даде повеќе од неговите алкохолизирани медиумски гостувања.
Види: И кога ќе треснат на земја, некои се повисоко од другите
Паѓаше, промовираше филмови без да може да се сети на заплетот, го провоцираше Сталоне кај Летерман, кога водителите ќе го прашаа кои му се идните планови, им одговараше „да ја легнам жена ти“, а на една радикална феминистка која гостуваше заедно со него во емисија ѝ ги пофали градите, кажувајќи ѝ дека ги сака такви, големи.
Не прават веќе такви како Оливер Рид.
* извор: Ел Паис