Каде тоа одат зборовите кои се „повлекуваат“ од толковниот речник?

Како без „курва“ некој ќе го преведува Буковски? Дали пред Влада ќе ја палиме „Белото циганче“? Што ќе извикуваат фудбалските навивачи кога ќе сакаат да го наречат судијата со неговото заслужено име? Ако се лоши „каур“ и „педер“, што е со „сељак“, „дебела“, „џуџе“? Што ќе лекторираат лекторите кога ќе нема веќе зборови?

Вчера, на денот на македонскиот јазик 5 мај, со голема помпа, беше пуштена електронската верзија на Толковниот речник на македонскиот јазик. Во вестите по тој повод не беше спомнато дека ние и претходно користевме Дигитален речник - прегледен, со богат корпус, редовно освежуван, со можност за пребарување на еквиваленти од други јазици и на синоними - кој е резултат на ПРИВАТНА иницијатива на човек и компанија со електронска адреса во Германија, чие име се обложуваме дека не сте го слушнале, дури и ако често го користите речникот. Последново веројатно се должи на фактот што неговиот производ не е „официјален“ (издаден од релевантна институција, од луѓе со соодветни титули), иако како што се наведува во импресумот се темели и на Толковниот речник Том 1-6, кој на овој начин значи бил веќе дигитализиран.

Исто така, многумина од оние кои благонаклоно кликнаа „ми се допаѓа“ под објавата веројатно се уште немале прилика да го пробаат, па не знаат за извесни проблеми. Така, хомонимите (зборови кои се изговараат исто а имаат различно значење) - пример „тест“ како татко на сопругата во однос на нејзиниот сопруг, и како постапка за проверка, во речникот се означени со тест1 и тест2. Ова за роден говорител на македонскиот е можеби јасно, но за помалку упатениот би можело да значи дека постои збор „тестеден“ и друг збор „тестдва“. Исто така при пребарување на некои зборови се појавува порака дека тие не постојат во речникот, а други пак де ги има, де ги нема, можеби рефлектирајќи го моменталното расположение на корисникот. И самиот сајт од моментот на неговото промовирање е падни-стани (ќе пишевме дека е „катастрофа“ ама читател ни јави дека не му излегол ни овој збор).

Но многу повознемирувачки од овие детали кои се веројатно од техничка природа и лесно решливи, е веста која пристигна денес, дека од речникот се, односно ќе бидат повлечени навредливи зборови, како „циганштија“, „курва“, „педер“, „каур“ и други. Повлекувањето на првиот се образложува со реакција на група Роми и закана со протест („на Ромите од Цела Македонија и Европа“), како и напуштање на парламентарното мнозинство на пратениците од оваа националност. За останатите неподобни зборови не е дадено образложение, кој и зошто барал да се тргнат.

Иако во моментов на пишувањето на текстов сите тие се уште се појавуваат при пребарување, според медиумите претставници на владата и МОН „стапиле во контакт со редакцијата на Толковниот речник при што од стручниот тим веднаш било покажано разбирање и согласност зборовите што ги предизвикаа реакциите да бидат повлечени“.

Со надеж дека и нашата реакција ќе наиде на разбирање и согласност, еве аргументи зошто овие и КОИ БИЛО други зборови НЕ треба да бидат повлечени.

РЕЧНИК НЕ Е СПИСОК НА „ДОЗВОЛЕНИ“ ЗБОРОВИ

Функција на речникот е да претставува ресурс на зборови и нивни значења во соодветниот јазик. Под „зборови“ се мисли на СИТЕ зборови, а не такви кои се бирани согласно нивната подобност, од страна на лингвистичка морална полиција. Доколку оваа дигитална верзија на македонскиот речник одлучи да се самоцензурира, тогаш таа, и сите идни изданија кои ќе го следат нејзиниот терк, ќе треба да си го променат името во - „Политички коректен речник на македонскиот јазик“. Така корисниците барем нема да се доведуваат во заблуда дека зборови за некои појави не постојат, туку реално ќе се акцентира идеолошката функција на изданието, како филтер низ кој не смеат да се протнат такви кои се „лоши“. Вакви речници на англискиот постојат, но се јасно означени како сатирични.

РЕЧНИКОТ Е ПОСЛЕДИЦА, НЕ ПРИЧИНА

Бришењето на збор од речникот сигурно нема да го искорени од секојдневна употреба. Работата е сосема обратна - зборовите влегуваат во речник поради нивно континуирано присуство во секојдневниот говор, книжевноста, медиумите. Ова го разбрал дури и Институтот за македонски јазик - издавач на Толковниот речник - и позитивно изненадил со опција „Предложи збор“ на сајтот на истиот. Ако некои зборови се деградирачки и дискриминирачки за поединци или групи, за тоа речникот не е ништо виновен. Напротив, можноста тие во него да бидат означени како такви може да стане дел од градење свест за нивната сензитивност. Се разбира за оние кои ќе се помачат прво да погледнат во речникот па потоа да го употребат.

ОНОЈ КОЈ ИЗОПШТУВА ЗБОРОВИ, УТРЕ ЌЕ ИЗОПШТУВА ЛУЃЕ

„Канселирањето“ јавни личности е материјал за сеир за површните, но причина за длабока загриженост на оние кои можат однапред да ја проценат опасноста од истото не (само) по судбините на поединци, туку и на цела човечка култура. „Канселирањето“ зборови е вовед во чистка на оние кои тие исти зборови би се осудиле да ги употребат, макар и во „добриот“ контекст.

Таков беше случајот на Доналд МекНил со 45-годишна кариера во „Њујорк тајмс“, кој го употребил зборот „нигер“ во неформална комуникација, во контекст на дискусија ЗА расистички теми (за што пишувавме тука). Сепак, и покрај сиот експлозивен набој и ризичност на негова употреба, зборот си го има во Оксфордскиот речник на англискиот јазик со ознака „многу навредлив“.

НЕ БИДЕТЕ ПЕДЕРИ

На крај, неколку сосема практични забелешки. Како без „курва“ некој ќе го преведува Буковски? Дали пред Влада ќе ја палиме „Белото циганче“? Што ќе извикуваат фудбалските навивачи кога ќе сакаат да го наречат судијата со неговото заслужено име? Ако се лоши „каур“ и „педер“, што е со „сељак“, „дебела“, „џуџе“? Што ќе лекторираат лекторите кога ќе нема веќе зборови?

Апелираме - не кратете зборови од речникот. А ако тоа сепак се случи, тогаш ве молиме извадете го „радост“. Затоа што во стерилизиран јазик, дисциплиниран „од горе“, веќе и онака ќе ја нема.

Илина, Букбокс

6 мај 2021 - 21:07