Доналд Џерард МекНил Џуниор пишуваше за наука и здравје во Њујорк Тајмс, а како особено значајни се наведуваат неговите написи за време на епидемијата на ХИВ-сида и тековната пандемија. Тој практично беше еден од најраните и најдобри репортери кој ја известуваше американската и светската јавност за она што се случува. Почнал да работи во весникот во 1976 како курир, предавал новинарство на Универзитетот Колумбија, а потоа станал дописник од Јужна Африка и Франција. Во 2002 се придружил на рубриката за наука на Тајмс, убедувајќи ја својата тогашна уредничка да му дозволи да ги покрива „болестите од кои умираат сиромашните“. Така почнува серија негови написи за сидата, вирусот зика и други епидемии, но особено се истакна на почетокот на актуелната пандемија, кога не престана да предупредува околку сериозноста на ситуацијата, тогаш кога повеќето Американци се уште беа лежерни во врска со можната опасност.
Зошто еден толку високо профилиран и долгогодишен новинар би бил принуден да си замине од својот весник? Одговорот е во еден збор, на „н“.
Во 2019 МекНил придружувал група средношколци на патување спонзорирано од Њујорк Тајмс во Перу. Целта била тие да се запознаат со здравствениот систем на оваа земја. На 28 јануари 2021, значи три години подоцна, Дејли Бист објавува текст во кој неколку учесници на тоа патување го обвинуваат МекНил за расистички и сексистички коментари, вклучително и за користење на зборот „нигер“. Како што се дозна подоцна, тој збор бил употребен во контекст на дискусија ЗА расистички термини, за кои е малку тешко да се зборува ако не се спомнат самите тие. Ама...
Њујорк Тајмс во тој момент има самонаметнат проблем со изјави на свои новинари на два фронта. Еден од нив има врска со Лорен Вулф, фриленс уредничка чиј договор е исто така неодамна прекинат, која во твит напишала дека „ја полазиле морници“ кога победил Бајден, нешто што било оценето од страна на самиот весник како „минување на политичка територија“. Другиот и посериозен фронт е скандалот со подкастот Калифат кој излезе дека не е толку документарен колку што се тврдеше (за што пишувавме во „Како Њујорк Тајмс ја оплеска со подкастот за ИСИС“ тука), поради кој мораше да ги врати наградите што ги доби за истиот, а новинарката којашто го работеше, инаку четирикратна финалистка за Пулицер, да биде прераспределена на друго работно место.
Ситуацијата со МекНил само ги зголеми постоечките тензии, поттикнувајќи серија внатрешни состаноци и советувања, но и поделби помеѓу вработените. Некои од нив си направиле посебен канал за комуникација на акаунтот на Њујорк Тајмс за да можат да го изразат своето мислење без да бидат контролирани од раководството. Од друга страна, 150 „вознемирени“ вработени на Тајмс потпишаа писмо барајќи понатамошна истрага на патувањето во Перу и извинување од МекНил. Почнаа да пристигнуваат жалби за нешта неповрзани со случајот, кои го портретираа престапникот како некој со кого „е тешко да се работи“.
На 5 февруари Њујорк Тајмс издава соопштение дека МекНил ќе ја напушти компанијата, но дека не е отпуштен. „Не толерираме расистички јазик без оглед на намерата. Посветени сме на градење компанија која ги рефлектира нашите суштински вредности на интегритет и почит...“.
Дел од вработените во истата таа компанија посветена на „интегритет и почит“ сметаат дека МекНил е само уште една жртва на културата на изопштување, која од мува прави слон како резултат на јавен притисок. И покрај првичниот отпор да го стори тоа, МекНил на крај сепак се извини, придружувајќи се на нешто што веќе прераснува во понижувачка уметност на барање прошка од „разбудените“. „За навреда кон моите колеги и за сето она што направив а го повреди весникот, институција која ја сакам и во чија мисија верувам - се извинувам. Сите ве изневерив.“
А приказната зад целиот овој скандал е следна: МекНил на вечера бил прашан од ученичка дали нејзина соученичка треба да биде суспендирана за видео која го направила кога имала 12 години, во кое употребила расистички збор. За да разбере што имало во видеото, тој прашал дали таа го упатила зборот кон конкретен човек, можеби рапувала или цитирала наслов на книга. Во прашањето самиот го искористил зборот (нигер). Три години подоцна, ова го чини заминување од весникот во чија историја е вграден.
Види претходно: Влијателниот блогер кој си го згасна сајтот затоа што Њујорк Тајмс сакаше да му го објави името