What makes a house grand, it ain't the roof or the doors
If there's love in a house, it's a palace for sure
Without love it ain't nothin'
but a house, a house where nobody lives
- "A House Where Nobody Lives" (Tom Waits)
Антологискиот формат Џармуш го има истражувано и претходно, во прекрасниот „Ноќ на земјата“ (1991), кој се состоеше од пет делови - вињети од една вечер на таксисти во пет светски градови. Трите епизоди во „Мајка татко...“, пак, ги поврзува темата на семејството и отуѓеноста. Такси возилата во „Ноќ на земјата“ беа „лиминални“ места, истовремено изолирани но и подвижни микро-светови, барем привремено населени од случајни ликови и нивните приказни. Во „Мајка татко..“ селските куќи среде никаде, трпезариските маси со порцелански чајници и испразнетите апартмани со високи плафони се „замрзнати“ локации - во нив, барем кога семејството е на куп, наместо да заживее, комуникацијата е блокирана, движењата воздржани. Иако во ниту една од приказните не сме упатени во деталите, насетуваме дека го гледаме само врвот на ледениот брег на неискажаното и неискажливото, помеѓу луѓе кои треба да бидат блиски.
Сепак, тонот на трите дела е различен. Во првиот Емили и Џеф го посетуваат татка си кој живее како вдовец во куќа крај езеро, со за'рѓан камионет крај влезот и само чаша вода (со мраз) за гостите. Поради негови претходни поплаки Џеф често финансиски го поддржувал. Но Емили не е толку сочувствителна и се сомнева дека татко им ги манипулира - особено откако на раката ќе му види оригинал Ролекс. Средбата завршува со учтиви поздрави и ветувања за следна, нешто што претпоставуваме дека нема да се случи уште долго време. Сепак, комичноста на она како таткото се прикажува и како навистина живее пушта зрак светлина врз речиси замрзнатата езерска површина. Водата како извор на животот, Ролексот како симбол на луксуз но и на одминатото време и една загадочна британска изрека ќе се повторуваат без да здосадат и во другите делови. И скејтерите, во слоу моушн. Ако не Оскар, а тогаш барем една пофалница од Академијата за Том Вејтс.
Вториот дел се одвива во Ирска и е за мајка и нејзините две ќерки на нивната годишна чајанка и путер-бисквити (кои патем ги јадат ронка по ронка - со вилушка!). Трпезата е пополна од разговорот, кој пука по шавовите од напнатост и се дуе од празнини. „Фала богу бар им даде од колачите за дома!“ - реагираше пријателка по проекцијата, загрижена за судбината на оние поубавите, со зелен фондан и вишна на врвот, од кои во поинакви семејства и околности би биле измастени штирканите салфети, а крајчињата на усните поцрнети од чоколадото но разлеани во насмевка.
Третиот дел, иако зборува за смрт, сепак е најоптимистичен. Братот и сестрата се сплотени во тагата по родителите кои гинат во авионска несреќа. Можеби дури кога некого ќе го снема го разбираме значењето не само на конкретниот човек, туку и на семејството како прибежиште и дом. Нивниот париски апартман е целосно испразнет, но домот не е ниту покривот, ниту се предметите.
Бeз љубов тој не е ништо, само куќа во која никој не живее.
Илина, Букбокс