Букбокс читанка

„Одржувајќи ја вербата“ од Корнел Вест

За Корнел Вест прв пат чув во документарецот Examined Life, во кој неколку славни имиња (Џудит Батлер, Жижек), дискутираат филозофски прашања во секојдневен контекст - на улица, на отпад, шетајќи низ паркови.

Вест, снимен во такси кое вози низ Менхетен, во седум минути успева да направи пресек на историјата на идејата за смртта во западната филозофија и уште да се осврне на врската помеѓу филозофијата и џезот. Вториот пат, кога само го видов, беше на фотографија која ми ја испрати пријател од Њујорк, од протестот на Occupy Wall Street во Харлем, против политиката на њујоршката полиција за слободно запирање и претресување, каде Вест бил уапсен. Третиот пат налетав на неговата збирка есеи издадени од Рутлеџ на овогодинешниот скопски саем - време беше и да се прочита кои се теоретските ставови врз кои се крепи ангажираноста на човекот кого го нарекуваат најголем современ Афро-американски филозоф.

Вест дипломирал на Харвард, а докторирал на Принстон каде и денес предава на катедрата за Aфро-американски студии. Уште во средно организирал демонстрации, барајќи воведување наставни содржини кои се однесуваат на црното население. Како главни херои од младоста ги наведува Малком Икс и Партијата на црните пантери - екстремно левичарска организација, позната и по насилните тактики, на која не ѝ се придружил од религиозни причини. Насловот на неговата докторска е „Етичките димензии на Марксовата мисла", што направи 1. мај да е сосема соодветен датум да се почне со пишување на овој осврт кон неговата книга, чии тези, освен од хуманизмот на Маркс, се повлијаени и од прагматизмот на Рорти и традициите на Aфро-американските баптисти.

Книгата „Одржувајќи ја вербата", издадена 1994, се состои од 17 есеи, за кои е очигледно дека се претходно објавени, бидејќи повторувањето на некои основни тези е често. Најинтересните од нив се однесуваат на врската помеѓу филозофската теорија и политичкото ангажирање која води преку прагматизмот, и на културната политика на различност, особено онаа поврзана со, како што тој ги нарекува, „црната и кафената раса". Ќе се обидам да ги пренесам основните ставови на Вест, преку кратки објаснувања и извадоци кои ги објаснуваат клучните концепти.

КАКО ДА СЕ БИДЕ АНГАЖИРАН?

Вест промовира модел на таканаречен „пророчки прагматизам" - критички однос кон општествената стварност кој почива врз ангажман кој балансира (кокетира?) меѓу мејнстримот (доминантните, владеачки структури во политиката и културата) и заедниците кои се борат за своите права. Тоа е комбинирање, во најдобрата смисла на зборот, на социјалните теории и практичниот ангажман во корист на верски, расни или друг вид маргинализирани заедници.

„Треба да се биде Критички органски каталист. Под ова подразбирам личност која останува поврзана со најдоброто што го нуди мејстрим културата - нејзините парадигми, светоглед и методи - но која сепак одржува и овозможува субкултури на критицизам. Овие пророчки критичари треба да бидат пример што значи да се биде интелектуален борец за слобода, односно културни работници кои се позиционираат внатре главниот тек, но истовремено се јасно поврзани со групи кои ги одржуваат во живот сопствените традиции на критика и отпор."

РАЗЛИКАТА ПОМЕЃУ ДЕМИТОЛОГИЗАЦИЈА И ДЕМИСТИФИКАЦИЈА

Според Вест правењето разлика помеѓу овие две практики е значајно заради врската теорија: практика која истото ја подразбира. Демитологизацијата без вистинска демистификација на контекстот и процесите кои довеле до создавање, а потоа и рушење на митот, е само половичен процес, кој е неодржлив на долги патеки.

„Демитологизација е мапирачка активност која реконструира и повторно опишува облици на значење, за да ги ситуира во динамичкиот проток на социјални практики. Демистификацијата, пак, е теориска активност, која се обидува да даде објаснувања кои се однесуваат на улогата и функцијата на специфични социјални практики. Првото го отвара прашањето за улогата на хуманистот-интелектуалец, додека второто ѝ дава значајна улога на теоријата, а на интелектуалецот му доделува политичка улога".

КОНЦЕПТОТ НА 'ВОКАЦИЈА' ВО АКАДЕМСКИТЕ КРУГОВИ, НАСПРОТИ ОНОЈ НА КАРИЕРА ИЛИ ПРОФЕСИЈА

Да се биде универзитетски професор не е канцелариска работа која престанува по завршувањето на работното време. Тоа е интелектуална 'вокација', која подразбира одговорности кои го надминуваат држењето предавања и присуството на состаноци на колективот. Сепак, ваквиот имиџ на професорот која ги надминува административните рамки во последно време е прилично непопуларен. Професорот се претвора (или го претвораат) во обичен службеник, чија работа е без посебни морални или политички основи.

„Зголемената маргинализација на хуманистичките студии, главно заради популарноста на бизнис училиштата и компјутерските студии, им ги одзема на голем број интелектуалци нивните „повисоки" морални и политички причини да останат во академските кругови, бидејќи тие веќе не можат да тврдат дека ги обучуваат најдобрите и најбистрите студенти. Тие веќе не можат да изјават: 'Дајте ни ги вашите надарени деца во нашите универзитети, каде ќе ги отуѓиме од вас и ќе ги задржиме најдобрите за себеси. За возврат, ќе ви ги испратиме оние полошите, за да ви обезбедиме технологија, забава, и утешни претседателски лаги'.

Во последните неколку децении е јасно дека повеќето од 'најдобрите' заминаа не во општествените науки или во политиката, туку во приватната сфера на брзото правење пари - во бизнисот, правото или медицината. Ова резултираше не само со одлив на мозоци во општествените студии, туку и во чуство дека интелектуалците од овие науки ја пропуштаат вистинската акција."

Колку и ваквите ставови да му имаат донесено углед на Вест кај оние за кои се застапува, толку неговата ангажираност и прагматизам му имаат направено штета во академските кругови. Кога во 2000 познатиот економист и поранешен државен секретар за финасии Лоренс Самерс станал претседател на Харвард, го повикал на приватен состанок Вест кој во тоа време работел на универзитетот, на кој го обвинил дека не ги одржува часовите, не пишува сериозни научни статии и исклучиво се интересира за проекти кои му носат економска добивка. Од него барал редовни извештаи за неговата академска работа, што секако го разгневило Вест, кој почнал јавно да го нарекува својот претпоставен „Ариел Шарон на високото образование".

Ставовите на Корнел Вест лесно можат да се препознаат како релевантни, и во нашиот контекст, каде не недостасуваат „пророчки критичари", свесни за сопствената 'вокација' и општествена одговорност. Работата е колку тие го следат советот на филозофот за комбинирање на најзначајното од општествената теорија со истата таква пракса, или дејствуваат само низ дискурсот на опозиција и протест, без сопствено позиционирање во некаква одржлива и доследна рамка, која му дава насока и тежина на нивниот проект, кој според Вест мора да биде воден од следниве основни принципи: слобода, лојалност и љубов.

Корнел Вест во Examined Life:

 

3 мај 2012 - 00:00