
Во Велика Британија е започната нова иницијатива чија цел е да го одбележи човечкото авторство во време кога пазарите се преплавени со книги создадени со помош на вештачка интелигенција. Стартапот „Книги од луѓе“ (Books by People) воведува ознака „Органска литература“ — печат што ќе го добиваат дела напишани од луѓе, со дозволена ограничена употреба од страна на ВИ за технички задачи како форматирање или генерирање идеи.
Основачи на иницијативата се експертот за ретки книги Есме Денис, заедно со Конрад Јанг и Гавин Џонстон, кои најавуваат дека проектот ќе се прошири глобално во 2026 година. Првото сертифицирано дело ќе биде романот „Teленовела“ на Гонзало С. Гарсија, што во ноември ќе го издаде Гали Бегар Прес, еден од партнерите-издавачи.
Сам Џордисон од Гали Бегар изјави дека оваа иницијатива е „од исклучителна важност за издавачите, авторите и, пред сè, за читателите — таа претставува знак на квалитет и потврда на човечноста која ја бараме во книгите“.
За да добијат сертификат, издавачите ќе мора да се придржуваат кон поставените стандарди и ќе подлежат на годишни проверки, а котизацијата ќе зависи од бројот на наслови што ги објавуваат. Проектот се појавува во период на растечки тензии меѓу креативните индустрии и ВИ-компаниите. Порано годинава, фирмата Антропик прифати да плати 1,5 милијарди долари на автори кои ја обвинија дека користела пиратски копии од нивни дела за тренирање на својот чатбот.
Сè повеќе издавачи се обидуваат да ја истакнат човечката креативност. Издавачката куќа Фабер неодамна постави налепница „напишано од човек“ на романот „Хелм“ на Сара Хол, истакнувајќи дека нивното лого секогаш ќе гарантира човечко авторство.
Во исто време, онлајн продавниците како Амазон се под зголемена критика поради тоа што нивните платформи се преплавени со неконтролирани ВИ-содржини, што според експертите претставува „Див Запад“ без регулатива и ризик за ширење дезинформации.