Данинг-Кругер стана „фолклор“, ама не на начинот на кој замислуваа авторите

„Се чувствувам како Џек Вајт од Вајт страјпс кога ќе чуе риф од своја славна песна. Теоријата е позната низ целиот свет, ама толкувањето е најчесто погрешно“ - вели ко-авторот на ефект кој во психологијата е познат како „толку си глуп, што не знаеш ни колку си глуп“. 

Социјалниот психолог Дејвид Данинг, коавтор на прочуениот Данинг–Кругер ефект, смета дека феноменот кој го носи и неговото име најчесто се разбира погрешно. Наместо да означува дека „глупавите луѓе не знаат дека се глупави“, тој всушност опишува универзален когнитивен недостаток - дека сите ние имаме области во кои не сме свесни колку малку знаеме, затоа што за да препознаеш непознавање треба да поседуваш барем малку - знаење.

Ефектот, како што пишувавме претходно тука, првпат бил опишан во студија од 1999 година, кога Данинг и Кругер откриле дека студентите со најниски резултати значително ги преценуваат своите способности. Подоцна Данинг го проширил истражувањето кон теми како доверба, верување и самоизмама, покажувајќи дека сите сме склони да ги толкуваме информациите така што ќе го потврдат она во што веќе сакаме да веруваме.

Во ново подкаст интервју на оваа тема, тој предупредува дека ефектот не е навреда, туку потсетник за саморефлексија. Секој човек, колку и да е интелигентен, има „џебови на некомпетентност“ - области во кои неговото знаење е ограничено. Според Данинг, дури и свесноста за овој ефект не нè ослободува од него: „Ако ние сме во право, јас сум последниот што ќе знае во кои области сум некомпетентен,“ вели тој.

Данинг исто така истражува зошто луѓето имаат ирационална доверба во други, дури и во сосема непознати луѓе. Според него, општествените норми - особено потребата да не навредиме некого - нè тераат да веруваме и да соработуваме, што е основа на цивилизацијата. Ние сме „создадени да бидеме доверливи“, објаснува тој, иако тоа понекогаш нè прави наивни и подложни на дезинформации.

Во однос на социјалните мрежи, Данинг смета дека таму се губат правилата на учтивост што ги имаме во живиот разговор, што доведува до агресивен тон и недостиг на вистинска комуникација. И покрај тоа што неговиот ефект често се користи како навреда во интернет-дебати, Данинг нагласува дека суштината е поинаква: не станува збор за глупост, туку за човечка ограниченост. Непознавањето е траен сопатник на секој човек, но свеста за тоа може да биде почеток на вистинска мудрост.

„Нашето незнаење е секојдневен придружник што ќе нè следи целиот живот“, вели Данинг. „Не треба да се обесхрабруваме поради тоа, туку да бидеме благодарни што сме научиле барем малку повеќе отколку вчера.“

21 октомври 2025 - 15:46