Не свирете ги овие песни во продавница за гитари

Доаѓа дечко во продавница за инструменти, се интересира за гитара. Не е тој почетник, има навежбано една јака. Одбира гитара и со која песна ја пробува? Нормално, со Старвеј ту хевн. За да не се осипаат по кожа, вработените едно време почнаа да пишуваат дека таа песна е забранета за свирење во дуќанот. Имаме нов шампион во жанрот „забранети рифови.“

После анализа на вкупно 271 песна и 2.314.336 Гугл пребарувања за да се дознаат најсвирените гитарски рифови во светот, „Seven Nation Army“ на Вајт Страјпс ја презеде титулата „главна лектира“ која со години ја држеше „Stairway to Heaven“ од Лед Цепелин.

Кон неа толку често прибегнуваа да ја пробаат на нова гитара оние кои доаѓаа во продавници за инструменти што некои вработени им пишуваа дека е забранета за свирење. Од што не ја можат веќе.

Сега тоа е хитот на Џек Вајт од 2003-та година.

Цепелин и нивните скали се на второ место, на трето е рифот на Нирвана од „Come As You Are“ а на четврто “Nothing Else Matters“ на Металика.

Групно, Металика е најпопуларна риф училница и имаат 4 свои песни во топ 20.

Некогашниот главен избор на 'труповите', „Smoke on the Water“ на Дип Парпл, денес е на 10-тото место.

Во Јужна Америка уште кралува Елвис Пресли. Неговата „Can’t Help Falling In Love“ е најбарана во 12 земји меѓу кои Мексико, Аргентина и Колумбија.

Да ги пуштиме победниците?

Ај не.

 

25 април 2024 - 13:40