
„Некомпетентни и несвесни: како тешкотиите во препознавањето на сопственото незнаење води кон преценување“ е славeн текст на психолозите Дејвид Данинг и Џастин Кругер од 1999, кој од тогаш е основа за мал милион референци во научно-популарни текстови и рубрики за поп-психологија. Не дека не сме го имале и на сајтов, на пример тука, тука, тука итн.
И не дека нема вистина во когнитивната предрасуда, согласно која лицата со помала компетентност не можат реално да си ја проценат должината на интелектуалната черга, токму поради тоа што се - парадоксално - недоволно компетентни. Ова кај нив резултира со илузија на супериорност, за разлика од високо способните лица кои пак често знаат да се потценуваат и да страдаат од илузорна инфериорност.
Сепак, како и со голем број други теории кои по принципот на „расипан телефон“ биле недоволно или погрешно разбрани (кој знае што би рекол Њутн за сите оние „поп“ текстови за гравитацијата), така и со оваа. Самиот доктор Данинг, за текст од 2020 објавен на сајтот на канадскиот Универзитет МекГил, изјавил дека главното недоразбирање во однос на ефектот наречен според него и неговиот колега е тоа што предрасудата не се однесува на НИВ (на некој друг), туку на НАС. „Лекцијата отсекогаш беше дека треба да бидеме понизни и внимателни во врска со нас самите. Тој никогаш не се однесуваше на ’глупавите други’“.
Втората битна нијанса е дека ефектот има повеќе врска со погрешна информираност, а не со неинтелигенција или неинформираност. Ако не знаеме која е температурата на вриење на живата, тоа едноставно не постои како информација во нашите глави и не може да ни направи толкав проблем, како прашањето кој е главниот град на Австралија. Можеби мислиме дека знаеме доволно за да кажеме „Сиднеј“ но излегува дека тоа е Канбера. Ваквиот вид лажно знаење раѓа исто толку лажна самодоверба.
Во спомнатиот текст се наведуваат уште аргументи зошто интуитивната привлечност на идејата за тоа дека другите околу нас „страдаат“ од Данбар-Кругер може всушност да е доказ за тоа дека ние самите сме при очи слепи, односно при знаење за постоењето на таков ефект сепак негови ултимативни претставници. Но, треба да се земе предвид и таа опција, дека дискредитирањето на ефектот на Данинг и Кругер дваесет години подоцна можеби има врска со промената на општествениот дискурс, според кој денес етикетирањето некого како надуен глупак е политички некоректна изјава, и навреда на човечките чувства, дури и кога е издржана. Па што ако не знае дека е Канбера, ти да не си поарен?
Хумористична арија за Данбар-Кругер од „Некомпетентната опера“ изведена на церемонијата за Иг Нобел во 2017