
Стивен Најт се прослави со „Пики Блајндерс“, па се очекуваше дека неговата нова серија за славното семејство Гинис ќе биде во сличен манир - кафени тонови, згодни мажи што пушат наметнувајќи ја својата доминација само со отсечен поглед, комплицирани семејни односи каде брат брата не ради (а понекогаш и сестрите знаат да заријат нож во грб).
Хронолошки, и оваа серија се одвива во сличен период - средината и крајот на 19 век, а се фокусира на настаните по смртта на патријархот Бенџамин Гинис. Тој зад себе остава четири деца (мајката е почината порано), со наследство кое е истовремено и благослов и проклетство, бидејќи не вклучува само управување со пиварница туку и балансирање на тенката острица на политиката. Имено, ирските индустријалци и аристократијата од тоа време се секако во на-ти, дај-ми однос со британската империја (читај: протестантите), но од друга страна се Ирци кои живеат во Ирска, среде националисти-католици кои се борат за независност на земјата.
Иако приказната е повеќеслојна и е тешко да се издвојат главните ликови, сепак во нејзиниот центар се двајцата браќа, Артур и Едвард, различни карактери чија спрега сепак овозможува понатамошно постоење на семејната империја. Едвард е претприемчив и правичен кон вработените (прв пат воведува загарантирана пензија за работниците над 65 години), а истовремено доволно храбар да се приближи кон Фенијците - тајното револуционерно движење кое не сака ни да го помириса црното пиво на Гинисови, камоли да го пие. Но како и во секоја приказна со две спротивставени страни, и во оваа има моменти на преминување на границите, што поради корист, што поради љубов.
Стилот на Најт е препознатлив, исто како и во Пики Блајндерс со употреба на современа музика во кадри што како да излегле од видео спот. Насилните сцени се ретки и „испеглани“, а тонот малку полежерен. Освен односот помеѓу браќата, впечатливи се односите помеѓу женските ликови - сестрата Ана со снаите, тетките и главната „отпорашка“ - преубавата Елен Кокран. Официјалните, а уште повеќе неофицијалните „дилови“ на семејството и во Ирска, и во Англија и од другата страна на океанот, ја отсликуваат и глобалната политичка атмосфера, но и механизми на уцени, пропорционални услуги и борби за моќ кои можат сосема реално да се пресликаат и денес, сосе обидите за атентат на значајни политички фигури.
Осмата и финална епизода од првата сезона завршува со голем „клифхенгер“, па со нетрпение го очекуваме продолжението, кое сигурно некаде се крчка, како доброто темно пиво.
Илина, Букбокс