
На 18 октомври во Британскиот музеј се одржа настан наречен „Пинк бол“ на Британскиот музеј, замислен како лондонски еквивалент на Мет Гала – свечен, хуманитарен настан со покани и прескапи карти, инспириран од боите и светлината на Индија, во чест на новата голема изложба на музејот „Древна Индија: живи традиции“.
Организатор беше директорот на музејот Николас Калинан, а меѓу гостите се најдоа бројни познати личности – политичари, актери, уметници, супермодели, колекционери и писатели. Меѓу нив беа поранешниот премиер Риши Сунак, градоначалникот на Лондон Садик Кан, како и Наоми Кембел, Лејди Кити Спенсер, Џенет Џексон, Мик Џегер, Кристин Скот Томас и Саша Барон Коен. Присуствувале повеќе од 800 гости, а влезницата чинела 2.000 фунти по лице.
Британскиот музеј и претходно беше критикуван за начинот на управување со експонатите и особено за својата позиција во врска со грчкото барање за обединување на скулптурите од Партенон (за ова види претходно тука и тука). Но ова како да ја прелеа чашата узо и предизвика бура реакции, особено од актуелната политичка структура и од десницата.
Сопругата на грчкиот премиер, Марева Грабовски Мицотакис, јавно ја изрази својата осудa на настанот, велејќи:
„Британскиот музеј минатата сабота организираше добротворна вечера во галеријата Дувер – просторијата каде што се изложени скулптурите од Партенон. Во момент кога повторно се отвора јавна расправа за обединувањето на овој значаен споменик, одлуката на музејот да ја одржи вечерата токму таму е, благо речено, несоодветна.“
И министерката за култура Лина Мендони ја критикуваше одлуката на музејот, истакнувајќи дека Министерството со години се спротивставува на организирање на забави, приеми и модни ревии во музејски простори каде што се изложени уметнички дела и споменици. Таа нагласи дека безбедноста, интегритетот и етиката на спомениците треба да бидат примарна грижа на музејот, кој „повторно покажува провокативна незаинтересираност“.
„Повторно“ се однесува на тоа дека во февруари 2024 година, во истата сала – галеријата Дувер – се одржа модна ревија посветена на Марија Калас, дело на дизајнерот Ердем Моралиоглу, што тогаш исто така предизвика силни реакции од Министерството за култура во Атина.