Мермерните скулптури и плочи од храмот Партенон се тема на последната дописка меѓу министрите за култура на Грција и Британија. Овојпат кореспонденцијата има многу поголема тежина затоа што Британија е при крај со брегзит, до и по кој на земјата очајно и требаат сојузници.
Посебно важна ставка е што грчкиот парламент ќе треба да го ратификува секој иден трговски договор меѓу Британија и ЕУ, а грчката влада ќе треба да потпише и каков било договор за разделба што Британија ќе го постигне со Унијата.
Анкета од 2014 покажува дека британската јавност не е нешто посебно заинтересирана за артефактите, па 37% од испитаниците изјавиле дека тие треба да бидат вратени во Грција, на 32% им било сеедно, а само 23% изјавиле дека треба да останат во Британија.
Лидерот на лабуристите, Џереми Корбин, претходно најави дека тој би ги вратил статуите во Грција.
Од британската влада порачуваат дека статуите се „легална сопственост на Британскиот музеј, тие може бесплатно да се погледнат и ги посетуваат луѓе од цел свет.“ Ставот на Британскиот музеј е дека скулптурите „се дел од споделено наследство и тие надминуваат политички граници, и се дел од приказната за културни достигнувања низ цел свет што нивните изложби ја раскажуваат“.
Статуите и плочите од Акропол се отуѓени од страна на грофот од Елгин, во 1798 испратен како британски амбасадор во Турција, чија првична намера е да ги прецрта и да направи копија на античките дела, кои во тоа време биле закопани и расфрлани околу распаднатиот Партенон. (Храмот најголемото оштетување го доживува за време на канодада во 1687 кога е скалдиште за муниција на турската војна.) Од локални турски извори Елгин дознава дека деловите од мермерни плочи што низ историјата се откривани од локалците биле горени и од нив се добивал вар кој потоа се користи за градење. Во 1801 Елгин со дозвола од турските власти започнува со ископување и отстранување на преостанатите парчиња мермер. Целиот проект е завршен во 1812.
Грчките историчари спорат дека Елгин воопшто добил дозвола од султанот за пристап и отстранување на плочите. Бидејќи Акропол во тоа време е воена тврдина на османлиите, на Елгин му требало посебна дозвола за да пристапи таму. Елгин тврди дека има ферман од Султанот кој му дозволил да работи на локацијата. Кога од него е побарано да го покаже ферманот, тој немал оригинал па приложил англиски превод на италијанска копија од дозволата, наводно оригиналот во 1801 им бил даден на османлиските власти во Атина. Документот, кој и денес се чува во британскиот музеј, е спорен за историчарите бидејќи од јазикот што во него се користи јасно се гледа дека тој не е ферман од султанот.
Од тоа време има неколку сведоштва дека турскиот командант на тврдината се обидел на неколку пати да го спречи ископувањето и вадењето на плочите, но бил подмитен по што дозволил да се продолжи со работата. Британците своето право врз плочите го правдаат со тоа дека Турците владеат со Атина од 1460-та, заради што нивното полагање право врз артефактите во градот е легално и основано. Освен тоа Турците во тоа време им се благодарни на Британците што го спречиле ширењето на Наполеон кон исток, плус спомениците од Партенон немале никаква сентиментална вредност за султанот, па не е ни најмалку чудно Елгин да имал дозвола за својот проект директно од султанот Селим Трети. Сето ова Британците го заокружуваат со фактот дека Елгин добил дозвола од турските власти за извоз на ископаните артефакти.