Стивен Фрај

„Вратете им ги скулптурите на Грците, греота се"

Грците ја обновија иницијативата за враќање на рељефите од Партенон, со отворено писмо до Дејвид Камерон. Познатиот британски комичар и писател се придружува кон идејата.

„Стивен Фрај за ова прашање знае повеќе од повеќето Грци", изјавил Алексис Мантеакис, кој е претседател на Меѓународниот акциски комитет на скулптурите од Партенон. „Тој одлично поентира дека Олимпијадата во Лондон би била совршена можност Британија великодушно да стави крај на она што Грците и мнозинството луѓе во ЕУ, вклучувајќи ја и Британија, го сметаат за историска неправда".

Во писмото е наведен подолг есеј, напишан од Фрај, во кој тој меѓу другото вели: „Хеленската република денес е во центарот на превирања, понижувачка должничка криза која ја донесе Грција на работ на апсолутно уништување. Оваа горда, убава нација за која Бајрон го положи животот е во слична ситуација со која тој сочувствуваше кога тие (Грците) беа под Отоманска власт во раниот 19. век. Затоа, ова не само што би било благороден гест, туку и морален поттик за земја која е западната во тешка криза."

Создадени од врвниот вајарски мајстор на Перикле, Фидија, мермерните скулптури биле дел од монументален фриз кој го красел Партенон. Во 1801., тие биле отстранети од Акропол од лорд Елџин, тогашен британски амбасадор во Отоманската империја. Пoвеќе од 60% од фризот сега се чува во Блумсбери (дел од централен Лондон, каде се наоѓа Британскиот музеј), додека ултра модерниот музеј во подножјето на Акропол мораше да направи големи копии од гипс.

„Ако Британија можеше да ја врати Индија, тогаш сигурно празнењето на една соба од Британскиот музеј е мала цена за да се исправи една историска грешка", се вели на крајот од писмото.

3 април 2012 - 08:23