
Во 2003 година од затворот Рајкерс Ајленд, еден од најстрого чуваните во САД, бил украден цртеж на Салвадор Дали. Што барал таму? Па во 1965 Дали добил покана од тогаш првата жена одговорна за казнени установи на САД (нешто како Министерка за затвори), која верувала во рехабилитирањето на затворениците низ уметност, организирајќи сликарски сесии и театарски продукции. Дали, пак, каков што го дал господ, прифаќал секакви гостувања, сè додека настанот бил доволно медиумски покриен.
За жал, висока температура и треска го спречиле да се качи на фериботот до затворот тој ден. Наместо тоа, „начкрабал“ нешто што го протолкувал како Исус на крстот и го испратил како подарок.
Од тогаш, речиси две децении, сликата била закачена на ѕидот на затворската менза. Во 1981, откако затвореник фрлил шолја кафе и ја скршил стаклената заштита, оставајќи дамка, делото било тргнато. Потоа истото поминало низ проценувачи, галерии, складишта, па дури било фрлено и во контејнер — од каде било спасено од чувар. До 2003 година, завршило во фоајето на еден од десетте затвори на Рајкерс, обесено до автоматот за пијалоци. Малкумина обрнувале внимание на него, иако вредноста му била проценета на еден милион долари — нешто што очигледно не му промакнало на чуварот што ја испланирал кражбата.
Истражителите ги откриле неговите соучесници, но никогаш не успеале законски да докажат кој бил вистинскиот организатор. Секоја филмска верзија на оваа приказна би морала да одлучи дали токму тој бил мозокот на операцијата и да претпостави што навистина се случило со цртежот. Убаво е да се замисли дека денес виси некаде во скриена просторија од куќата на сега пензионираниот чувар — избледен, оштетен од кафе и лошо складирање, можеби и повторно залепен — но сè уште, без сомнение, оригинален Дали.