Водечкиот републикански кандидат за претседател му даде опширно интервју на Џорџ Стефанопулос, своевремено прв човек за комуникации на Бил Клинтон, во кое покажа една испеглана и полирана варијанта од себе. Неговиот имиграциски план останува идиотски, неговите идеи за даночни реформи се уште ги влажнат само плутократите на САД но на темата за Блискиот исток (терен на кој посебно се брукаше за што пишувавме во статијата "Зошто Доналд Трамп е опасен") даде неколку пристојни поенти во врска со американската инволвираност во тој дел од светот.
Џорџ Стефанопулос: Ајде да зборуваме за надворешната политика. Видовме дека Русија сериозно влезе во Сирија, веќе неколку дена бомбардира. И Хилари Клинтон и Џон Касич се изјаснија за воспоставување зона за забранети летови. Што би правеле вие?
Доналд Трамп: Јас би се навалил назад и би гледал што се случува. Кога беше Советски сојуз, Русија се вплетка во Авганистан. Мислеа ќе биде тоа лесно. Ќе влезат, ќе зачистат терен....
Стефанопулос: Мислите Путин повторно влегува во замка?
Трамп: Ако сакате да ја знаете вистината, мислам дека нема баш добро да пројдат. Кога се вмешаа во Авганистам тоа го уништи Советскиот Сојуз. На крајот банкротираа. Сега влегуваат во Сирија. А таму има премногу замки. Премногу проблеми. Кога разбрав дека ќе се борат против Исис, си реков: Ако, нека повелат.
Стефанопулос: Но тие не го бомбардираат Исис.
Трамп: Сè уште не. Ама не сакаат Исис да им влезе дома. Од друга страна го имате Асад. Асад е од лошите ама па сите тие таму се од лошите. Ние ги поддржуваме бунтовниците. Зборуваме за Слободните бунтовници на Сирија. А не ни знаеме кои се тие. Зборував со еден генерал кој многу добро ја познава тамошната ситуација и тој ми вели: "Господине Трамп, ние немаме идеја кои се тие луѓе. Можеби се бетер од Асад". Ако треба да правиме нешто, тоа е околу Иран. Нив ги направивме богати и моќни. Имаат 150 милијарди долари. Одеднаш - богати се. Немаат санкции, немаат ништо. Она што го направивме со Иран е една од најаматерските работи кои сум ги видел. Од една страна ги имаме нив и не правиме ништо со тоа а од друга страна, треба да се бориме за луѓе кои не ги ни познаваме. Погледнете ја Либија и помислете на Гадафи, видете го Ирак на Садам Хусеин. Мислите дека сега им е подобро? Јас не мислам.