Неолибералната ера во САД заврши со неофашистички бенг. Политичкиот триумф на Доналд Трамп ги урна естаблишментите во Демократската и Републиканската партија - обете врзани со владеењето на Големите пари и на политичарите со лажен сјај.
Династиите на Буш и на Клинтон беа уништени од медиумски заситените мамци на псевдо-популистичките милијардери со нарцистични сензибилитети и со грди, фашистички склоности. Монументалниот избор на Трамп беше очаен и ксенофобичен крик на човечките срца за излез од катастрофата на дезинтегрирачкиот неолиберален поредок - носталгично враќање кон замисленото велико минато.
Белите припадници на работничката класа и сограѓаните од средната - заради гнев и од мака - го отфрлија економското занемарување на неолибералните политики и самодоволната ароганција на елитите. Сепак, тоа се истите кандидати кои истовремено поддржаа кандидат којшто за нивната социјална мизерија ги обвинува малцинствата, и кој во процесот ги отуѓи мексиканските имигранти, муслиманите, црнците, Евреите, хомосексуалците, жените и Кина.
Убиствената фузија на економска несигурност и културолошко барање жртвен јарец го фрли неолиберализмот на колена. Накратко, понорната неспособност на Демократската партија да се обрати кон замрзнатата мобилност и растечката сиромаштија на работниците предизвика популизам полн омраза, и протекционизам кој се закани да го раскине ранливото ткиво на она што остана од американската демократија. И со оглед на тоа што најексплозивните линии во сегашна Америка се најмногу расни, а потоа родови, хомофобични, етнички и религиозни, ова значи дека треба да се подготвиме за застрашувачка иднина.
Што треба да се стори? Најпрвин мораме да ја кажеме вистината, а услов за вистината е да се овозможи страдањето да зборува. Во тек на 40 години неолибералите живееја во свет на одрекување и индиферентност кон страдањето на сиромашните и работниците и беа опседнати со спектаклот на успешност. Второ, мораме да го посведочиме остварувањето на правдата. Мораме да ја засноваме нашата желба за вистина во волјата да страдаме и да се жртвуваме додека и’ даваме отпор на доминацијата. Трето, мораме да ги запаметиме храбрите примери како оној на Мартин Лутер Кинг помладиот, кои обезбедуваат морална и духовна инспирација додека градиме повеќерасни сојузи за да се бориме против сиромаштијата и ксенофобијата, криминалот на Вол Стрит и воените злосторства, глобалното затоплување и полициската злоупотреба - и да ги заштитиме скапоцените права и слободи.
Ерата на Обама беше последниот здив на неолиберализмот. И покрај некои прогресивни зборови и симболички гестови, Обама одбра да ги игнорира злосторствата на Вол Стрит, да ги отфрли отплаќањата на долговите за сопствениците на домови, да ја превиди растечката нееднаквост, и да овозможи воени злосторства, како кога американски дронови убиваат невини цивили во странство.
Десничарските напади на Обама - и расистичката омраза кон него инспирирана од Трамп - направија да биде речиси невозможно да се слушнат прогресивните критики насочени кон него. Претседателот не покажа подготвеност да се соочи со црнечкото страдање - без оглед дали е тоа во пренаселените затвори, училиштата кои се распаѓаат или намалениот број работни места. Па сепак, и покрај тоа, гледаме прослави на неолибералното статус кво, кое е засновано на расен симболизам и лично наследство. Во меѓувреме, сиромашните и работниците од сите бои продолжија да страдаат во релативна тишина.
Во оваа смисла, изборот на Трамп беше овозможен од неолибералните политики на Клинтон и на Обама кои не го земаа предвид повикот на нашите најранливи граѓани. Прогресивниот популизам на Берни Сандерс речиси го собори естаблишментот на Демократската партија, но Клинтон и Обама успеаа да го сочуваат статус кво-то. И верувам дека Сандерс би го победил Трамп, менувајќи го сегашниот неофашистички резултат.
Во овој мрачен момент, мора да се инспирираме едни со други, раководени од демократска атмосфера на интегритет, храброст, емпатија и зрело чувство за историја - дури и ако изгледа дека нашата демократија се гаси.
Не смееме да им свртиме грб на заборавените луѓе од страна на надворешната политика на САД, како Палестинците под израелска окупација, цивилите во Јемен убивани од саудиски трупи, спонзорирани од САД или Африканци кои се подложени на растечкото американско воено присуство.
Како некој чие семејство и чиј народ преживеал и се борел во текот на ропството, Џим Кроу и линчувањето, трамповата неофашистичка реторика и предвидливо авторитарно владеење е уште еден грд момент кој го бара најдоброто од нас, и најдоброто од она што можеме да го направиме.
Во овие времиња за нас е премногу апстрактно дури и да се има надеж, премногу отуѓено, премногу спектаторски. Наместо тоа, ние треба да бидеме надежта, учесник и сила за добро, додека се соочуваме со оваа катастрофа.
Бонусот тука
Претходно: „Одржувајќи ја вербата“ од Корнел Вест