Седата коса можеби е знак за добра одбрана од рак

Побелената коса е белег на стареење, но не е само тоа. Може да биде и поволен знак за биолошки процес во телото кој го намалува ризикот од развој на рак. Јапонски истражувачи забележале врска помеѓу седите влакна и меланоми. И едните и другите ги создаваат матични клетки, кои на различен начин реагираат на оштетувања на ДНК под влијание на стрес.

Клетките на нашето тело постојано се под дејство на внатрешни и надворешни фактори што може да ја оштетат структурата на ДНК, што се одразува и врз стареењето и врз развојот на рак. Матичните клетки имаат способност да се самообновуваат и да преземаат различни улоги, во зависност какви клетки му се потребни на организмот. 

Во овој контекст, истражувачи од Универзитетот во Токио анализирале матични клетки што произведуваат зрели меланоцити (McSCs) – задолжени за создавањето на пигментите на влакната и на кожата. Кај цицачите, McSCs живеат во фоликулите на косата во форма на незрели меланобласти (претходници на меланоцитите) и ја дефинираат пигментацијата.

Ако се прекине двојната нишка на ДНК тие трајно се диференцираат, што резултира со губење на пигментот - процес наречен сено-диференцијација. Меѓутоа, кога McSC ќе дојдат во контакт со некои канцерогени, тие ја задржуваат својата способност за самообновување и ширење.

Исти матични клетки може да тргнат кон исцрпеност или експанзија, во зависност од стресот и микроеколошките сигнали. Поради ова, седите влакна и меланомот може да се различни реакции на стрес на матичните клетки, објаснува професорката по биологија Еми Нишимура, главен автор на студијата.

Со други зборови, ако McSC реагираат со напуштање на системот, се губи пигментацијата на косата. Ако продолжат да се делат може да создадат рак на кожата.

Истражувачите нагласуваат дека седата коса не е дефинитивен доказ дека биле спречени меланоми, туку сигнал дека се активирал заштитен механизам предизвикан од стрес. Спротивно на тоа, кога овој механизам се заобиколува, перзистентноста на оштетените McSC може да води кон меланогенеза.

22 октомври 2025 - 15:50