Вишал Калита од индиската сојузна држава Асам го има претворено својот дом во вистински аудио музеј. Повеќе од десет години, овој 30-годишен ентузијаст патува низ Индија собирајќи стари и одамна заборавени касети. Во неговата колекција, отворена за јавноста минатиот месец, има и стотици ЦД-иња и ретки постери на музичари од целиот свет.
Сепак, најголемо внимание привлекува делот посветен на Зубин Гарг - легендарен пејач и композитор од Асам, кој неодамна почина во Сингапур на 52-годишна возраст, оставајќи зад себе милиони ожалостени обожаватели. Калита поседува околу 38.000 негови песни, меѓу кои и снимки што не постојат на друго место. Само неколку дена пред неговата смрт, Гарг го посетил Калита и му признал дека колекцијата го потсетила на некои од неговите одамна заборавени дела.
Денес, Калита е дел од мрежа на пријатели и фанови кои се обидуваат да ја направат музиката на Гарг достапна преку онлајн платформи и да обезбедат авторски надомест за неговото семејство. „Некои од овие касети се премногу стари и лесно може да се оштетат. Сакам повторно да ги вратам во сеќавањето на јавноста“, вели тој.
Иако ентузијазмот е голем, дигитализацијата на песните е правно комплицирана. Голем број од композициите на Гарг не можат да се објават онлајн поради нејасна сопственост - правата се поделени меѓу различни продуценти, издавачи и музички компании.
Слични проблеми се јавуваат на глобално ниво: познатиот пример е Тејлор Свифт, која мораше повторно да ги сними своите албуми за да си ги поврати правата. Во Индија, односите меѓу изведувачи и продуценти долго време биле нерамноправни, со договори што ги фаворизирале издавачите.
По смртта на Гарг, фановите сфатиле колку е сложен овој систем: една од неговите најпознати песни, Mayabini Ratir Bukut (Maгија во срцето на ноќта), исчезнала од стриминг платформите поради вакви проблеми. Според индискиот Закон за авторски права од 1957 година, текстот и музиката се во сопственост на авторите, но снимката ѝ припаѓа на продуцентската куќа. Токму тоа создава сложена мрежа на лиценци што дури и за оние кои сакаат да бидат крајно фер е тешко да се следат.
Во 1990-тите и 2000-тите, продуцентите често ги префрлале правата на дистрибутерите без финансиски надомест, бидејќи приходите зависеле од продажбата. Дури со појавата на приватните радио станици и онлајн платформите започнал да се создава економски модел во кој авторските права добиваат нова вредност.
Засега се регистрирани над 1.000 песни на Зубин Гарг во Индијското здружение за изведувачки права, кое има задача да собира и распределува хонорари за авторите. Песните регистрирани таму ќе останат заштитени 60 години по неговата смрт. Сепак, ова е мала бројка за човек кој пеел на 40 јазици и дијалекти и има огромна дискографија.
Колегите на Гарг се обидуваат да ги идентификуваат сите песни што тој ги напишал, отпеал или компонирал. Но процесот е тежок, бидејќи дел од дистрибутерите веќе не постојат или се починати. Сепак, Калита смета дека Гарг ќе живее и понатаму преку својата музика.