Кога си ги бараш назад двата часа гледање филм поради крајот

„Вратете ми го времето што го потрошив и немој случајно да сте го гледале филмов“ - вака гласат голем број пораки поврзани со „Куќа од динамит“ на Нетфликс, кој зборува за опасноста од нуклеарна катастрофа. Авторите го бранат, демек баш крајот бил поентата. Кога почна одјавната шпица ние се фативме како викаме - „Неее!“.

Има такви филмови. Мислиш има барем уште пола саат за да се разјаснат нештата и да можеш мирно да ги фрлиш остатоците од сончоглед и да заспиеш со сон на некој што знае како завршуваат приказните, кога одеднаш пред тебе се појавува испишано името на режисерот и тече одјавната шпица. Остануваш со сончогледот меѓу заби и се чувствуваш како авторите да ти должат - само да раздени одма ќе појдеш на некој шалтер да си ја бараш правдата и загубеното време. 

Политичкиот трилер „Куќа од динамит“, во режија на Кетрин Бигело (патем, првата жена што доби Оскар за режија за Hurt Locker), со Идрис Елба, Ребека Фергусон и Габриел Басо, брзо се искачи на врвот на листите на Нетфликс но предизвика и полемики токму поради својот нејасен крај. Филмот е раскажан во три дела, од различни перспективи – Ситуационата соба во Белата куќа, Американската стратегиска команда и перспективата на претседателот на САД. Следиме многу динамични и критични осумнаесет минути по лансирање на нуклеарна ракета кон САД, која со 100% сигурност ќе падне среде Чикаго и може да убие речиси 10 милиони луѓе. 

Идрис Елба го игра претседателот, Ребека Фергусон – капетан Оливија Вокер, висок офицер во Белата куќа, а Габриел Басо – заменик советник за национална безбедност. Критичарите го пофалија филмот како „еден од најдобрите на Нетфликс оваа година“, но истакнаа дека крајот е „намерно провокативен и отворен“, создаден за да предизвика дебата, без разлика дали гледачите ќе бидат фасцинирани или вознемирени.

Во разговор за Холивуд рипортер, режисерката Бигело се осврнува на финалните моменти на филмот и објаснува:

„Обично почнувам филмови со прашање. Така беше и со Hurt Locker – што е методологијата на бунтовништвото во Ирак во најкрвавиот дел од војната? Или со Zero Dark Thirty – зошто беа потребни десет години да се најде Осама бин Ладен? И во овој случај, самиот филм поставува прашање, оставајќи ја публиката да го пронајде одговорот.“

Меѓутоа, филмот исто така предизвика реакција од Пентагон, бидејќи во него се тврди дека американскиот систем за детекција на нуклеарни ракети има само 50% успешност, „како фрлање коцка“. Министерството за одбрана издаде внатрешен меморандум во кој ја негира веродостојноста на таа бројка, тврдејќи дека реалните тестови покажуваат „сосема поинакви резултати“. Бигело и Опенхајм пак тврдат дека нивните тврдења се поткрепени со истражувања.

Ако ништо друго со ваквите филмови нема опасност дека освртите ќе ви го расипат крајот. Затоа што во случајов него - го нема. Но можеме да си го замислиме и на тој начин да дознаеме нешто и за нашето ниво на оптимизам, скриен страв или очај. 

1 ноември 2025 - 10:32