Во доцните ноемвриски денови на 2001 година, една девојка со азијатски црти била забележана како талка низ студените полиња на Северна Дакота - далеку од домот, во земја што ѝ била сосема туѓа. И покрај студот носела кратка црна сукња, а во очите ѝ се мешале тага и решителност, како кај човек кој бара нешто што постои само во приказна.
Камионџија кој ја видел како се движи покрај депонија, ја однел до полициската станица во градот Бисмарк. Такако Кониши, како што ја идентификувале, во рацете држела лист хартија на кој со едноставни линии имала исцртано патека и едно дрво. „Постојано покажуваше на тоа место“, изјавил подоцна еден од полицајците. „Повторуваше Фарго, Фарго...“.
За жал, таа не зборувала англиски, а полицајците не знаеле ни збор јапонски. Освен тоа, во Северна Дакота такви патеки и дрвја има на секој чекор, а Фарго бил (и се уште е) на дури 300 километри од Бисмарк. Откако не успеале да ја разберат, полицајците претпоставиле дека Такако тргнала во потрага по закопано богатство - торбата со пари од филмот „Фарго“ на браќата Коен, нешто што се прераскажувало како урбана легенда.
Да потсетиме: филмот кој денес е веќе класик, со Френсис МекДорманд и Стив Бушеми од 1996, ја раскажува приказната за очајниот продавач на автомобили, Џери, кој е во долгови до гуша и мора да смисли брз и ефикасен план. Најмува двајца криминалци и си ја киднапира сопствената жена, со намера да го уцени нејзиниот богат татко и да му извлече милион долари. Во сцената на предавањето на парите се случува престрелка, после што едниот од криминалците ги задржува првично ветените 80.000 долари за себе, а останатите 920.000 ги закопува во снежно поле долж автопатот кој води до Фарго. Тоа се истите оние пари кои подоцна, во истоимената серија, ќе ги пронајде друг лик и ќе формира своја супермаркет империја.
И се е ова ок, освен еден детал. Филмот почнува со воведен натпис - БАЗИРАНО НА ВИСТИНСКА ПРИКАЗНА. Ова е „иле“, затоа што приказната НЕ е вистинска туку сето ова е некаква игра на авторите со концептот на вистинитост, што поттикнало, барем во времето на популарноста на филмот, да почнат да кружат гласини за наводното скриено богатство.
Назад кон Такако. По кратко задржување, полицајците ѝ купиле билет за автобус и ја испратиле кон градот што толку упорно го спомнувала. Неколку дена подоцна, престојувала во хотел во Фарго. Рецепционерот се сеќавал дека го раскажувала истото - дека сакала да најде место од кое најдобро ќе може да ги гледа ѕвездите. Во тие ноќи навистина имало метеорски дожд.
Неколку дена потоа, ловец ја пронашол мртва — потпрена на бор во близина на Детроит Лејкс, Минесота. Немало траги од насилство, медицинските извештаи спомнувале само траги од седативи во крвта.
Веднаш започнале гласини - некои ја исмевале, други ја жалеле. Јапонката што дошла да бара измислено богатство во снегот станала мит. Но вистината излегла на виделина подоцна, кога нејзиното семејство добило писмо, испратено од Бисмарк. Било проштално.
Такако не барала пари. Била вљубена во оженет маж кој ја оставил, и тоа бил последниот број што го свртела пред да исчезне во белината. А човекот кого го запознала во Јапонија бил Американец од - Фарго. Така, приказната за жената што дошла во Северна Дакота да го бара богатството од филмот можеби никогаш не била за богатство. Но за разлика од онаа во филмот, таа е вистинита.