Нов подем на јапонската литература на Запад

Повеќе од една третина од 40-те најпреведувани книжевни наслови за 2025-та се од јапонски автори. Меѓу нив секако е Харуки Мураками, но и помлади и помалку познати автори вон Јапонија. Карактеристично е и што повеќето се - жени.

Сајака Мурата стана глобална ѕвезда во 2018 година кога нејзиниот роман „Продавачката од маркетот“ беше преведен на англиски. Главниот лик, 36-годишната Кеико, социјално неприлагодена жена што цели 18 години работи во истата продавница, стана омилен кај читателите – исто како и самата Мурата, која има 15-годишно искуство работа на каса. Книгата, објавена во време на #MeToo, со феминистички нијанси, продаде над два милиони примероци во 40 земји (Букбокс осврт за неа тука).

Иако и други јапонски авторки биле преведувани претходно (како Банана Јошимото со „Кујна“ уште во 1993), Мурата се смета за иницијаторка на новиот бран интерес за јапонска литература. Нејзината прва преведена книга ги поттикна издавачите  на Запад да престанат да го бараат „новиот Мураками“ и да почнат да ја бараат „новата Продавачка од маркетот“.

Мурата во своите дела често ги преиспитува поимите за нормалност, општествени очекувања и сексуалност. Нејзините понови книги се уште пожестоки и обработуваат теми како злоупотреба, инцест и канибализам. „Животни обреди“ (2022) претставува свет во кој човечки остатоци се рециклираат во мебел и облека, а починатите се јадат во тек на посебни церемонии. Во „Светот кој исчезнува“, објавена 2024, жените се под притисок да раѓаат, а главната хероина го раскинува бракот бидејќи маж ѝ се обидел да ја бакне.

Без успехот на „Продавачката од маркетот“, вакви и слични книги веројатно не би биле прифатени од западните издавачи. Преведувачи од јапонски на англиски, но и на други европски јазици, како Џини Тапли Такемори и Алисон Маркин Пауел, сè почесто се вклучени како активни поддржувачи и промотори на јапонските авторки. Поради малиот број писателки преведени на англиски, во 2016 се појавила иницијативата „Силни жени, мека моќ“, иницирана од три преведувачки. 

Некако разбирливо за Јапонија, една од доминантните теми е онаа поврзана за трудот и работните места. Таква е „Нема лесна работа“ на Кикуко Цимура (види Букбокс осврт за неа тука). Паралелно со интензивните теми, се појавува и „полесна“ литература – често со мачки, книжарници и нежни човечки приказни. Тие имаат голем успех кај англофонските читатели, поттикнати од BookTok и социјалните мрежи. Некои од нив, како „Она што го бараш е во библиотеката“ од Мичико Аојама, не добиваат пофалби од критиката но сепак се бестселери.

Преведувачите и оние што го следат развојот на јапонската литература и нејзиниот прием во светот истакнуваат дека интересот кај младата публика за неа расте, особено поради идентификацијата со темите на економска несигурност, слободата и родовите улоги. Така, „Путер“ од Асако Јузуки, базирана на вистинска приказна за жена сериски убиец, е уште еден пример за книга што го преиспитува животот на жената во Јапонија, а истовремено е силен коментар за патријархатот и грижењето за другите како женска обврска. Поради сè поголемата популарност на новели и куси форми, преводите се случуваат побрзо од порано. Сега, кога нов јапонски роман ќе добие престижна награда, често за неколку месеци излегува и англиска верзија. Изгледа дека Јапонија наскоро ќе биде позната не само по класиците и тој еден - Мураками - туку по многу поживописна и динамична сцена која допрва ќе изненадува.

18 јули 2025 - 12:11