Кеико уште од мала се однесувала проблематично, дури и насилно. Иако книгата не спомнува конкретна дијагноза, на моменти изгледа дека нејзините социјални вештини се прилично ограничени и дека ѝ недостасува емпатија, што таа успева да го затскрие со механичко имитирање на начинот на говорење и однесување (дури и облекување) на своите претпоставени и колеги.
Таа е - како што вели и самиот наслов - работничка во маркет, која во својата брендирана униформа не само што не гледа знак на понизок општествен статус, туку дури и по 18 години поминати на сосема истото работно место (ја запознаваме кога има 36), и во сосема истиот маркет - него го чувствува како засолниште од суровоста на надворешниот свет, каде наспроти подредените полици на продавницата и постојаниот звук на фрижидерите, владее неред кој плаши и збунува.
Стилот на авторката Мурата е таков што читателот не е секогаш сигурен дали описот на светот на нејзиниот главен лик е сатиричен или целосно сериозен. Од аспект на Кеико, маркетот е едиственото поле на кое таа се самореализира, и покрај парадоксалниот факт дека таа конкретна работа и не бара кој знае каква креативност и индивидуалност. Всушност токму обратното - таа бара строго придржување кон нормите, униформност и рутина, која прави човек да не се чувствува како „личност“ туку само како запчаник во добро подмачкана машинерија.
Навикнати сме да мислиме на ваквата состојба како на непосакувана и недостоинствена. Но што ако она што средината го подразбира под „личност“ е дури и поуниформно и понедостоинствено? Со тоа што Кеико е постојано изложена на притисок од семејството и околината да се омажи и да работи нешто друго, нејзе ѝ се одзема единствената стабилна точка во нејзиниот мал универзум. Хумористичноста, а истовремено и трагичноста на ситуацијата, е нагласена кога ќе се сфати дека не само жените, ами и мажите се во слична ситуација кога станува збор за општествените очекувања.
Шираха е нејзин колега кој многу бргу е отпуштен поради лошо работење и агресивното флертување со муштериките, нешто кон кое прибегнува во очаен обид да најде партнерка. Неговите теории за тоа дека човечкиот ум е уште на ниво на камено доба, и дека заедницата не трпи луѓе што не се прилагодени на очекувањата држи вода, но таквиот „анархизам“ само го прави уште попроблематичен. Тоа што Кеико и тој почнуваат да живеат заедно е само поради заедничка корист - да се претстават како НОРМАЛНИ, иако нивниот однос не содржи никаква привлечност или приврзаност. Родовите стереотипи, помешани со суровоста на капитализмот и специфичниот јапонски културен контекст, создаваат експлозивна мешавина во која човек, иако неволно, сепак навива Кеико да се врати „дома“ - во здодевноста и рутината на локалниот маркет.
„Продавачката од маркетот“ (Convenience Store Woman) е десетти роман на Мурата и големи хит во Јапонија, а и во светот по неговиот превод на англиски јазик. Тој овозможува сетилно да се сместиме пред фрижидерите за длабоко, да ги отвориме нивните капаци од кои излегува блага измаглица и длабоко да го вдишеме остриот воздух, благодарни за благодетите на современата логистика и економија, која барем на ниво на илузија прави да не се чувствуваме како се уште да живееме во камено доба.
Илина, Букбокс