Букбокс читанка: „Не постои лесна работа“ од Кикуко Цумура

Што се случува откако ќе „изгорите“ на претходно работно место и во своите 30-ти ќе почнете да барате било каква работа што не е амбициозна и стресна? Барем во Јапонија има шанса да налетате на многу интересни опции. 

Kикуко Цумура (1978) по завршувањето на факултетот се вработила и искусила малтретирање на работното место, поради што дала отказ по десет месеци. Но ова ѝ дало материјал за нејзината проза - приказни за млади луѓе кои се соочуваат со предизвиците на компетитивната модерна економија и последиците од комбинацијата на работна етика и амбициозност која се очекува од нив. 

„Не постои лесна работа“ е нејзина прва книга преведена на англиски во 2020, откако таа ги има добиено најпрестижните награди во татковината. Раскажани во прво лице, петте приказни се однесуваат на искуство на триесет-и-нешто годишна жена која откако доживеала нервен слом на претходно работно место се обидува преку советник да најде „полесна“ работа. Таква кадешто нема да доаѓа во контакт со многу луѓе и од неа нема да се очекува да стане „централен столб на компанијата“. Кадешто нема да заработува многу, ама па ќе биде пораат. 

По принципот „внимавај што посакуваш за да не ти се оствари“, таа испробува пет различни опции, кои на прв поглед делуваат многу едноставно: набљудување на човек во неговиот стан преку скриена камера, кој е најверојатно осомничен за нелегална активност; пишување рекламни слогани кои се вртат на звучник во автобус и ги промовираат локалните бизниси; пребарување интересни факти за истите да бидат испишани на амбалажите на локален бренд крекери (планини во Јапонија, биографии на спортисти); лепење постери за јавна безбедност и чувар во осамена колиба среде национален парк. 

Тертипот на нарацијата за секоја од овие позиции е главно ист. Советничката, госпоѓа Масакадо, најпрофесионално и грижливо одбира едно работно место кое делува привлечно, токму поради својата баналност. Притоа, главната насока што ја дава е - не влегувај во „љубовна“ врска со сопствената работа, затоа што емоцијата може да ја претвори во компликација.

И во сите пет случаи советот не е послушан - жената, таква каква што си е, сака да направи и повеќе од она што се бара, се внесува во приказните на своите претпоставени и колеги, почнува да развива емпатија со оние со кои доаѓа во допир и генерално нештата ги сфаќа сериозно. На крај, сама си е виновна кога сето тоа многу брзо ќе почне да ѝ претставува товар. Всушност, освен што работи, таа изгледа и не прави ништо друго - ретко се спомнува нејзиното семејство, таа нема партнер а ни некое хоби. Во таа смисла нејзиниот живот е многу сличен не само на секој млад Јапонец, туку и на секој кој има проблем да се пронајде во професијата за којашто можеби учел, да се навикне на строгите побарувања на капиталистичката економија, да живее за да работи, а не да работи за да живее. За оваа жена барем можеме да кажеме - таа има соодветен советник и избор на работни места кои може да ги менува, до моментот кога ќе одлучи дека сепак ќе живее од државна помош. И притоа од сето ова да излезе побогата со интересни искуства (и евентуално да напише роман).

„Интересни“ е мал збор за она што се случува помеѓу редовите на описот на петте работни места. Тоа што авторката уште како мала ги читала Филип К. Дик и Вилијам Гибсон очигледно има оставено трага, па таа во секоја приказна вметнува и елемент кој не е научно-фантастичен но е многу блиску до тоа - атмосфера на мистичност и нешта кои е тешко рационално да се објаснат. На пример лепењето постери за јавна безбедност на излозите на продавниците и на влезовите на приватни домови вклучува судир со енигматична група (секта?) по име „Никогаш повеќе осамени!“, која лепи свои постери и ги зазема потенцијалните празни места. Таа ги „лови“ особено повозрасните лица во заедницата и им организира забави, но не е баш најјасно што очекува за возврат и што точно се случува на тие средби. Судирот кулминира со тоа што на канцеларијата на нашиот лик и нејзиниот шеф осамнува графит-клетва - „Дај боже да умрете сами“.  

Дали навистина постои „лесна работа“? И нам така ни звучеше кога ни рекоа да ја пишуваме оваа рубрика. Повеќе од петнаесет години подоцна, често се чувствуваме како девојката на корицата на книгата. 

Илина, Букбокс  

Види претходно: „Продавачката од маркетот“ од Сајака Мурата

15 февруари 2025 - 09:29