
Наместо со централизирани планови, работничките мравки и термитите функционираат преку нешто што биолозите го нарекуваат стигмергија. Терминот е воведен од францускиот билог Пјер-Пол Гресе во 1959 и е инспиран од однесувањето на термитите. Етимолошки тој спојува два старогрчки зборови стигма (знак) и ергон (работа, дејствување), во смисла на тоа дека дејствата на одреден субјект оставаат знаци во околината, кои другите можат да ги почувствуваат и да ги насочат (инспирираат?) кон последователни дејства.
Секој инсект инстинктивно остава траги во околината - термитот остава феромони во топчињата кал што ги поставува, мравката го означува патот до храната со мирис. Други инсекти го следат тој мирис и продолжуваат таму каде што претходниот застанал. Секој повторно остава траги зад себе и така, со ова едноставно правило, градат цели „катедрали“ со вентилациски шахти, патишта до извори на храна и сè што им е потребно за успешно живеење.
Оваа појава фасцинира. Докажува дека големи нешта можат да се постигнат и без централизиран систем. Интелигенцијата може да биде дистрибуирана, а не изолирана. Моќта наметната однадвор не мора да биде единствениот начин за организација.
Но стигмергијата има и едно попрактично ниво: таа покажува дека постојат и други видови на меморија, не само „менталната“. Еден термит не е баш многу „паметен“. Веројатно ни самиот не знае што прави додека носи кал до гнездото. Тоа дава надеж – ако може тој, можеме и ние.
Социјалните инсекти го обликуваат просторот околу себе за да создадат „надворешна меморија“. Луѓето постојано го прават ова без да мислат. Го оставаат чадорот до чевлите за да се сетат да проверат времето. Ја префрлаат јакната преку столица во кафуле, и за да го „резервираат“ местото и за да се потсетат каде седеле. Си ставаат знакче со пенкало на раката за да не заборават нешто.
Склони сме да мислиме дека меморијата и мислењето се нешто апстрактно, невидливо, сместено некаде „горе“ – во мозокот, или уште полошо, во некој „духовен свет“ одвоен од телото и материјата, како кај Декарт. Но скромните мравки ни покажуваат дека може да е поинаку.