Кремаст праз со свински шницли

Затвораш уште една од оние работни недели што мирисаат на Excel табели, бесконечни мејлови и колеги кои, небаре се родени во некоја start-up комуна во Копенхаген, зборуваат за mindfulness, ладни тушови и постења. Доаѓаш дома, откачуваш шлепови, одложуваш оружје. Како би си го детоксицирал битието од сите тие нонсенси, решаваш да се почастиш со царски оброк. Домаќински. Шампионски.

Не ти се листа по падините на Инстаграм за инспирација, затоа што знаеш дека во двор, бавча, тераса, саксија на скали, имаш зариено праз - тој скромен, есенски воин кој никогаш не бара внимание, ама секогаш спасува ситуација.

Има еден стар пабовско-брасериски рецепт за кремаст праз. И иде беспрекорно со свинско. А се спрема вака:

Намирници

За празот:

  • 3-4 стебла/страга праз
  • 2 црвени кромида, ситно исечкани
  • 40 г путер
  • 1 полна лажица брашно
  • 200 мл бело вино
  • 300 мл млеко
  • 250 грама Гауда
  • Една китка свеж власец
  • Сол, бибер, и малку мускатно оревче
  • Неколку лажици презла за фина, крцкава површина

За шницлите:

  • 4 тенки свински шницли
  • Сол, бибер и црвен пипер
  • Масло за пржење

Постапка

Почни тивко. Во тава стопи путер и фрли го кромидот. Нека се пржи полека, додека не се претвори во оној мирис што ги вади соседите на смотра по терасите. Празот влегува во игра. Додај го, мешај, и гледај како се топи и станува свиленкаст. Тоа е моментот кога тавата зборува со тебе без да изусти збор. Брашно за магија на густината. Посипи го рамномерно, мешај и гледај како празот добива самодоверба. Виното нека зоврие, нека испари малку. Треба да останат аромите. Млеко и кашкавал како смирувачки дует. Истури го млекото, мешај, и гледај како сè станува кремасто. Потоа влетај со гаудата и власецот. Малку сол, малку бибер, и оној допир на мускат што секојпат те тера да се прашаш зошто не го форсираш почесто. Наросуваме презла и уште малку кашкавал и печеме пола саат на 180. Кора? Мора!

За шницлите идеме кратко, јасно, без филозофија. Зачини ги и испржи ги до совршена златна обвивка и сочност. Ако тавата прска, тоа е аплауз од универзумот што го заслужуваш.

Финале. На чинија, прво оди празот. Врз него шницлите, сочни и топли. Сега исклучи го телефонот, остави ја вратата на кујната отворена за мирисот да ја наполни куќата, и не објаснувај никому што има во тавата.

Ако прашаат, кажи само: „Тоа е храна за возрасни. Мали сте вие.“

На здравје!

Кирил Стоименов - предизборен волк

2 ноември 2025 - 10:10