Што светот може да научи од Хавиер Милеи?

Кога Хавиер Милеи најави дека ќе биде претседател, луѓето се смееја. Откако победи, му претскажуваа масовни протести против кратењата и изборен пораз. Сега доби поддршка да ги заживее своите радикални реформи, кои треба да ѝ го вратат пристапот на Аргентина до меѓународните пазари на капитал и да ѝ обезбедат долгорочна стабилност без оглед кој е на власт.

Кратењата на трошоците што ги спроведе аргентинскиот претседател Хавиер Милеи се можеби најдлабоките и најбрзите во која било демократска држава. Откако ја освои претседателската функција, ветувајќи радикални мерки за штедење, гласачите ги почувствуваа ефектите од неговата моторна пила. Милеи спроведе екстремни кратења на трошоци, кои може да се споредат смо со оние по финансискиот колапс во Грција, кои беа наметнати од меѓународните кредитори наспроти бесот на народот.

Кратењата беа сурови, но Аргентиците сепак ја поддржаа новата политика. Милеи на изборите не освои мнозинство во Конгресот, но сега има поддршка од доволно пратеници за да блокираат какви било обиди за враќање на јавните трошоци и полесно може да состави коалиција за да ги продолжи реформите. 

Ова е важно и надвор од границите на Аргентина. Многу влади од богатиот свет се борат со фискални дефицити и зголемен долг. Нивните проблеми не се на нивото на Аргентина, но лидерите на богатите земји сè уште можат многу да научат од Милеи.

Неговиот успех ја покажува моќта на цврстите, но кохерентни економски пораки што се објавуваат јасно и убедливо. Директниот фискален реализам може да е поприфатлив на Аргентинците отколку на Европејците или Американците, кои немаат директно искуство со сиромаштија од напади на хиперинфлација и контроли на цените. Но, сè до појавата на Милеи, скептиците предупредуваа дека ни аргентинските гласачи никогаш нема да поддржат длабоки кратења, забележува „Економист“.

Претседателот сега има поголема слобода да ја почне втората низа реформи. Најитна задача е да се заврши транзицијата на Аргентина кон макроекономска стабилност, што почнува со целосно флуктуирање на песото, на кое пазарот, а не државата, ќе му ја одредува вредноста. Милеи досега се потпираше на вештачки силна валута за да ја ограничи инфлацијата, што го попречи растот и акумулирањето девизни резерви. 

На владата ѝ е потребна јасна монетарна политика што ги користи каматните стапки како сидро за да ја стабилизира инфлацијата. Ако го направи ова, Аргентина би можела да го врати пристапот до глобалните пазари на капитал, што ќе ѝ овозможи да рефинансира дел од својот долг. Идната година треба да плати рата од приближно 20 милијарди долари.

Либерализацијата на пазарите на трудот и поедноставувањето на даночниот систем би биле добар почеток. Ова би ги зајакнало финансиските реформи, би ја поттикнало економијата и популарноста на Милеи, отворајќи патот за построги политики како што е пензиската реформа, пишува „Економист“.

Милеи има шанса да ја подобри Аргентина на начин што ќе трае долго откако ќе ја напушти функцијата. Инвеститорите сакаат правна сигурност и стабилност. Секоја изборна година пазарите се вознемирени поради можноста за победа на трошаџиските перонисти. Ако реформите на Милеи донесат просперитет и стабилност, тоа би можело да ги принуди перонистите да ја прифатат фискалната рационалност. 

3 ноември 2025 - 10:29