Тргна културата во Струмица, џабе јадевте бабури

Наспроти бунењето на струмичките актери и петицијата на преку 250 уметници од цела земја, прв човек на струмичкиот центар за култура бидна професор по физичко. На плодовите на тоа визионерско решение на требаше долго да се чека.

Мало потсетување на околностите кои, поради секојдневната набиеност со скандали, случајот со струмичкиот културен центар денес ни се чини далечен како ЕУ, иако се случуваше само пред пар месеци.

Надлежните културни власти (читај: министерката Ирена Стефоска) решително останаа на позицијата за прв човек на струмичкиот културен центар „Антон Панов“ да биде ставен фискултурец, односно професор по физичко (јер Антон Панов е познат десетобоец, јелда). Инаетџиски и шерифски ја истераа својата намера наспроти бунењето на актерите од струмичкиот театар и наспроти петицијата за нивна поддршка која ја потпишаа близу 260 уметници во земјата.

Со тоа, Стефоска, за која, да ја слушаш од времињата на Шарената револуција, ќе се заколнеш дека е еталон за стручност, умност и правдољубивост, се реши да се сведе на обичен културњачки водоноша на Заев и да го спроведе неговото дамнешно изборно ветување дека ќе вработува од партија до чистачки и портири, со што уште еднаш покажа дека во оваа земја не постои посервилна група од напуваната скопска културна елита; нема сељак од кој може повеќе да те фати резил отколку од тие ликови.

Не дека Струмица баш толку кубури со кадри па немало многу избор: на истиот конкурс се јавила и магистерка за културен менџамент како и дипломирана актерка од тамошниот театар. На магистерот ѝ нашле за кусур дека немала сертификат за познавање странски јазик а на актерката - пазете - дека немала доказ дека во јавноста е признат културен работник?!

Само овој Васил Бубев, фискултурецот, да ти бил со комплетна документација и CV чија импресивност ја имал збогатено со освоено трето место за ГРУПНА маска на карневалот во Василево.

Ама, културата е како шило: врти, врти, па ќе се отупи. За да им се затворат устите на сите скептици и непријатели на спортскиот дух, Центарот „Антон Панов“ деновиве организираше изложба на скулптури, прва откако директор е Бубев. Ова се делови од официјалните рецензии на таа институција во врска со изложбата. Повелете, замезете од таа симпатична - шесто б - мисла, синтакса и интерпункција.

 

Ок е Стефоска, победивте. Уживајте во плодовите. Ако телефонот на Заев не е зафатен (со Порошенко, Грета или некои семејни проблеми на граница), слободно сврти му на човекот и прашај го:
- Шефе, треба уште нешто?

24 април 2021 - 16:17